Ништо од минимална плата од 600 евра – Комисијата не го прифати предлогот
24/02/2026 15:47
Собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика не го поддржа предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за минимална плата, поднесен од пратеничката група на СДСМ и Моника Зајкова од ЛДП во прво читање.
Со предлогот се бараше минималната плата од март 2026 до март 2027 година да изнесува 36.960 денари, односно 600 евра. Не беше прифатена ниту иницијативата на координаторот на пратеничката група, Оливер Спасовски, за одржување јавна расправа со цел да се постигне договор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
Аргументите на предлагачите
Спасовски образложи дека иницијативата претставува продолжение на политиката на постепено зголемување на минималната плата започната во 2017 година. Тој посочи дека во последните две години значително се зголемиле цените на храната, енергенсите, комуналните услуги и здравствените трошоци, додека потрошувачката кошничка постојано расте.
Според него, законскиот механизам за усогласување на минималната плата – кој предвидува 50 проценти од растот на просечната плата и 50 проценти од растот на трошоците на живот – не го следи темпото на поскапувањата, што најмногу ги погодува граѓаните со најниски приходи.
Пратеникот Фатмир Битиќи оцени дека минимална плата од 600 евра е реална потреба, а не политички каприц, додавајќи дека Владата треба да преземе мерки за спречување на понатамошен раст на цените.
Ставови од другите партии
Од Алијанса за Албанците, пратеничката Илире Даути изјави дека евентуалното зголемување на минималната плата би требало да повлече и раст на просечната плата.
Предлогот не доби поддршка од мнозинството во Комисијата и нема да продолжи во понатамошна собраниска процедура во оваа фаза.






