MKinformer

your daily dose of news

МАКЕДОНИЈА ЗАБРЗАНО ДЕМОГРАФСКИ ИСЧЕЗНУВА

23/09/2026 11:20

Македонија забрзано демогравски исчезнува, пишува политичкиот аналитичар Благојче Атанасоски.

Веќе извесен период, постојано во јавните дебати,  во меѓусебните  обвинувања  и соопштенија на политичките партии, носителите на јавните функции, но и статистичарите и демографите, провејува темата околу намалениот наталитет и негативниот  природен прираст на населението во Македонија, односно дека нашата држава, согласно официјалните податоци на Државниот завод за статистика, се соочува со извесна демографска катастрофа, која веќе ја живееме, а доколку продолжат и се засилат тенденциите, Македонија до крајот на овој век, во буквална и преносна смисла на зборот ќе исчезне.

И до тука, добро, и покрај тоа што , ситуацијата е најлоша. Цинично, добро , бидејќи, конечно сите , да се согласиме дека имаме проблем. Како политички елити, општество и нација. Жалното е што , пак се обвинуваме меѓу себе, кој е виновен за  таквата ситуација, дали политичарите од десницата или левицата, не сфаќајќи дека сите до еден сме , кој најмногу, кој најмалку виновни.

Различни   диоптери  на политичарите!

Во една таква, „наменска“, дебата , неодамна на една наша телевизија, независниот пратеник во македонскиот парламент, Миле Цеков, убаво и многу прецизно и конзицно ги детектираше аномалиите и слабостите, тоест состојбите, поради кои сме доведени до ова дереџе.

Имено, пратеникот од Струмица, го нагласи СИСТЕМСКИОТ проблем, кој младите во буквална смисла на зборот, ги брка од оваа институционално веќе пропадната земја, во далеку поразвиените западноевропски и прекуокеански земји, укажувајќи на проблемите во здравството, образованието, можностите за вработување и кариерен напредок, партизацијата на целокупниот систем, недовербата во институциите на системот, ужасно малите плати и ценењето на трудот на македонскиот работник.

Притоа, давајќи конкретни предлози и предлог-закони со кои , колку толку може да се подобри животот на младиот човек кај нас, иако треба децении да се работи, за да се промени сликата и состојбата до која сме стигнале, благодарение на децениите пропаст на самата држава.

За разлика од него, поранешниот долгогодишен пратеник во македонскиот парламент, и актуелен национален координатор за демографија во демохристијанската десничарска влада , предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев, гледаше да ги релативизира состојбите, и сопствената лична, на партијата и сечија друга индивидуална одговорност, префрлувајќи ја вината на друг. Тоа е суштинска разлика, меѓу еден свесен млад функционер, кој ги детектира горливите проблеми на демографската чума и еден „вечен партиски апаратчик“, за кој, за жал зборот лична одговорност, не постои во неговиот речник, ниту пак дел од неговиот етички карактер и битие.

Ќе има ли спас за Македонија?!

Како и да е, Македонија после 35 години на независност на земјата, состојбата на овој план е и повеќе од загрижувачка и сериозна. Државата, буквално ги губи своите најработоспособни млади луѓе, кои трајно се иселуваат и се населуваат во богатите и институционално уредени западни земји. Има податок, дека само во „една Словенија“, држава, со која до пред три и пол децении, бевме во заедничка сојузна федерација, денеска студираат преку  пет илјади наши студенти. И истите потоа, живеат и се реализираат во оваа прекрасна земја.

Како Емилија Стојменова-Дух, поранешната министерка за дигитална трансформација и информатичко општество или  струмичанката Љупка Вртева, која е прогласена за најдобар млад научник во Словенија. Дали сме свесни  сите ние, особено нашите политички елити , дека неповратно си ја уништивме и државата и нацијата, и дека од ова враќање назад, за моја најголема жал, најверојатно и ќе нема!? И дека Македонија, полека, бавно и болно , тивко ќе одумира!? Изгледа не с(м)е. Затоа и не заслужуваме ништо подобро!

Македонија забрзано демогравски исчезнува, колумна на политичкиот аналитичар Благојче Атанасоски

Автор: Благојче Атанасоски

error: Содржината е заштитена од копирање !!