Не ти треба војска за да уништиш една нација (Држава)
29/06/2026 12:58
Ѕидовите (институциите) не штитат, луѓето (народот) штитат
Пред повеќе од 2000 години, кога Кинезите решиле да живеат во мир, го изградиле Кинескиот ѕид.
Верувале дека поради неговата висина, должина и цврстина, никој нема да може да го премине. Грандиозен потфат, симбол на моќ, дело кое и денес буди восхит. Но, историјата има лекција која често ја занемаруваме.
Во првите сто години од неговото постоење, Кина била нападната 3 (три) пати. И секој пат непријателот не го рушел ѕидот, едноставно ги поткупувал неговите чувари и без проблем поминувал низ портите.
Ѕидот си стоел непроменет, висок, цврст, непремостив. А сепак, бил апсолутно бескорисен. Зошто? Затоа што најслабата алка во секој систем не се камењата и бетонлот, туку човекот.
Поуката е едноставна:
не е доволно да изградите ѕидови, ако не изградите карактер кај луѓето. Може да подигнете огради, закони, бариери, институции, но ако чуварите на тие институции немаат интегритет (воспитување), сè е залудно. Ако тие што треба да ги бранат вредностите се тие што први ги продаваат, тогаш целата тврдина е само сценографија.
Евро-Атлантистите ова го објаснуваат со следните зборови:
Ако сакате да уништите една нација (општествен вредносен систем), не ви треба војска. Доволни се само 3 (три) работи:
- Уништете го семејството.
- Уништете го воспитувањето и образованието.
- Обезвреднете ги луѓето кои треба да бидат пример и авторитет.
Овие три столба, семејството, образованието и авторитетите, се темелот на секое здраво општество.
Кога тие ќе се урнат, не треба непријателска војска да влезе низ портите. Доволно е внатрешниот хаос да ја заврши работата.
Семејството се разградува кога се омаловажува улогата на родителите, кога мајчинството и татковството престануваат да бидат вредности. Кога децата растат без прецизна насока, без некој што ќе им покаже граници и ќе им всади почит, тие израснуваат во луѓе кои не знаат што значи одговорност. Семејството е првата школа на животот.
Ако таа школа пропадне, сè што доаѓа потоа е надградба на кршливи темели и ХАОС
Образованието се уништува кога наставникот ќе ја изгуби почитта, а учениците ќе научат дека авторитетот треба да се исмева, а не да се почитува. Кога училиштето ќе престане да биде храм на знаењето и ќе стане арена на анархија, тогаш генерациите што излегуваат од него не знаат ниту да размислуваат критички, ниту да ги почитуваат туѓот труд. Наставникот не е само пренесувач на информации, тој е модел на вредности.
Ако моделот биде уништен, што останува за младите да следат?
Општеството пропаѓа кога чесните, образованите и способните луѓе ќе бидат потиснати, а нивното место ќе го заземат површноста, сензационализмот и личниот интерес. Кога медиумите ги величаат празните славни личности, а вистинските интелектуалци и херои се игнорирани, тогаш младите растат со лажни идеали.
Кога „успехот“ се мери само со пари и популарност, а не со интегритет и придонес, тогаш општеството губи компас.
Ѕидовите не ја штитат државата. Ја штитат луѓето со карактер, воспитување, знаење и чувство за одговорност. Тие се вистинските чувари на општествените порти. Без нив, секој ѕид е само илузија на безбедност.
Дали ова ви звучи познато?
Ако одговорот е „ДА“, тогаш знаете дека не зборувам за далечната историја на Кина. Зборувам за денес.
За општеството во кое живееме.
За предизвиците со кои се соочуваме.
За битката која не се води на границите, туку во училниците, во домовите, во јавниот простор.
Битката за душите на идните генерации.
А таа битка се добива или губи секој ден, низ тоа што им го кажуваме на децата, низ тоа што го цениме, низ тоа на кого му даваме микрофон.
Затоа, прашањето не е дали ќе изградиме нови ѕидови. Прашањето е: дали ќе градиме карактер кај луѓето што треба да ја чуваат НАЦИЈАТА И ДРЖАВАТА?
Пишува
Борислав Стоилковиќ






