MKinformer

your daily dose of news

Дали победничката песна на Евровизија 2026 е сатанска?

17/05/2026 12:13

Значи, ова е победничката песна на Евровизија 2026. Ова е она за кое Европа гласаше. Ова е она за кое скокаа и викаа пред телевизорите. Ова е она за кое пишувале „мелодија на годината“, „ритам што не пушта“, „моќна порака за ослободување“.

Добро. Нека биде. Ама барем нека се знае, за што, всушност, гласале. Зашто кога ќе го прочиташ текстот полека, кога ќе застанеш на секоја реченица, кога ќе ја соблечеш музиката, светлата, осмехот и сјајот, и кога ќе останеш само со зборовите, тогаш ќе ти се згади. Тогаш ќе ти дојде да повраќаш. Не од уметност. Не од провокација. Туку од јаснотијата дека сите тие милиони луѓе аплаудирале на ритуал што не го разбирале.

Ќе објаснам зошто.

Прва строфа. Прва реченица. Девојката, насмеана, со краток провокативен костим, пее: „Потчини се на заслепувачката светлина.“

Стоп.

Да застанеме тука. Колку луѓе дома го слушнаа ова и помислија: „Ох, колку убаво, осветли се, прифати го доброто, просветли се“? Речиси сите. Ама зборовите не значат она што го мислат.

Заслепувачка светлина. Светлина што ослепува. Светлина што не ти дава да гледаш. Светлина што ја гаси секоја друга светлина. И таа светлина бара потчинување. Не љубов, не разбирање, не заедништво, туку потчинување.

А кој е носителот на таа светлина во западната традиција? Луцифер. Буквално, „луцифер“ на латински значи „носител на светлината“. Тоа е неговото име. Тоа е неговото значење. И во христијанската теологија, тој е паднатиот ангел кој рекол: „Нема да служам“ (Non serviam) и кој, според многу апокрифни и гностички толкувања, нуди знаење и просветлување наместо слепа послушност. Но ова не е метафора. Ова не е поетска слобода. Ова е директен повик за потчинување на паднатиот ангел, прикажано како просветлување. И тоа го пее девојка пред 200 милиони луѓе. Сите насмеани. Со играње. Со конфети. Со огномети.

И тоа е само почеток.

Потоа таа пее за себе. Втора строфа. Вели дека е „бивш ангел и сегашен демон“. Вели дека е „психопат без причина“. Вели дека е „искушувач и лидер“. И вели: „Ќе те вовлече толку длабоко додека не те оставам слаб“.

Ако некој ми наведе попрецизен опис на сатаната во целокупната христијанска теологија, со сите негови атрибути, од поранешен ангел, низ демонска природа, низ искушување и манипулација, до конечното исцрпување на човекот и оставање во немоќ, ќе го частам.
Но нема да го најде. Зашто ова е тој опис.
Збор по збор. Идентично. Како препишано од „Молот на вештерките“ или од „Владетелите на темнината“. Само што ова не е пронајден средновековен ракопис. Ова е поп-песна.

И тогаш, кога некој ќе праша: „Како е можно тоа да помине?“, оние кои имаат малку срам, или барем чувство за одговорност, веднаш ќе кажат: „Ама тоа е инспирирано од бугарскиот куќерски фолклор! Тоа е игра со идентитет! Тоа е уметност!“

Добро. Нека биде. Ама да останеме точни. „Банга“ не е куќер. Тој збор, таа слика, таа фигура не доаѓа од балканските ора и ритми. „Банга“ е воден дух од афричката традиција на народите Нгбанди и Нгомбе. Амбивалентно божество на водата кое носи плодност, но и болести, поплави и смрт. На кое луѓето колеле жртви за да го смират. Понекогаш животински. Понекогаш, во одредени традиции и човечки жртви. Тоа е паганско божество на уништување. Апсолутно реално, историски и антрополошки документирано божество на уништување. Прикриено зад игра со зборови, зад ритам што не можеш да го извадиш од глава, зад изведба што изгледа како детска забава.

И тогаш доаѓа најопасниот дел.

Зашто песната не е грда. Не е досадна. Не е тешка за слушање? Напротив, убава е. Мелодична е. Заразна е. Го ставаат она што во музиката се вика „црв во уво“ (earworm), мелодија што ти влегува во глава и не излегува со денови. Го ставаат она што психолозите го нарекуваат „несакана музичка наметливост“.
И токму затоа е опасно. Не затоа што е одбивно, туку затоа што е привлечно. Затоа што дете со осум години ќе ја пее оваа песна. Ќе скока на неа. Ќе ја учи напамет. Ќе ја споделува на TikTok со пријателите. А не ќе знае дека ги учи напамет зборовите за
потчинување на бившиот носител на светлината. Не ќе знае дека ја повторува самопромоцијата на демон. Не ќе знае дека влегува во копродукција со ритуално повикување на деструктивно паганско божество. Ќе знае само дека е „кул“. Само дека „сите го пеат“. Само дека „победува“.

Тоа се вика поп-магија.

И ова не е теорија на заговор. Ова е механизам. Имињата имаат моќ. Повикувањето има моќ. Повторувањето има моќ. А кога тоа повторување се случува во најгледаниот музички натпревар на планетата, со милијарди прегледи, со трендови, со бонуси, со пласман на плејлисти, со деца кои танцуваат, тогаш тоа не е уметност. Тоа е МАСОВЕН ОБРЕД. Во директен пренос. Без пристанок.

Тоа се вика неосатанизам во масовна употреба. Не во некоја темна соба со свеќи, со фантомки и натписи со крв. Не во скриен ритуал на три човека. Туку на Евровизија. Во шпиц-терминот. На сцена висока 20 метри, со ласерски шоу, со чад, со конфети, со аплауз од 10.000 луѓе во салата и уште 200 милиони пред екраните. Со 516 поени. Со победа.

Победа. Не. Случајност.

И за крај, добредојде во бунтот против Бога. Не оној гласен и насилен. Не оној со кршење црковни прозорци и палење икони. Туку оној тивок, сладок, мелодичен, плејлистички, вирален. Оној што доаѓа преку звучниците на телевизорот во дневната соба додека мајката готви, таткото е на телефон, а детето си го пее рефренот без да знае дека рефренот е молитва во обратен смер.

Не велам дека секој што ја пеел песната е сатанист. Велам дека форматот е сатанистички. Дека текстот не е двосмислен, еднозрачен е. Дека пораката не е отворена за толкување, затворена е во својата директност. И дека, ако постои некаква одговорност во јавниот простор, тогаш барем мора да се каже: еве, ова победи. Ова доби 516 поени од комисии и телегласачи. Ова го слушаат вашите деца. Ова го слушате вие, додека возите, додека вежбате, додека заспивате.

И ако сè уште мислите дека е само песна, обидете се да ја испеете на погреб. Или во црква. Или пред вашата баба. И видете дали ќе ви биде чувството како „на дете“.

Не. Нема да ви биде.

Затоа што зборовите имаат тежина. А овие зборови тежат како олово.

И токму затоа осеќав потреба да ја напишам оваа колумна.

Пишува:
Борислав Стоилковиќ

error: Содржината е заштитена од копирање !!