ВУЧИЌ: Албански дронови „Бајрактар“ ги извидувале позициите на српската војска
04/07/2024 11:52Српскиот претседател Александар Вучиќ вчера се обрати пред медиумите во касарната „Бањица 2“ во Белград по завршувањето на седницата на проширениот колегиум на началникот на Генералштабот.

Тој предупреди дека буквално од сите правци се засилени воздушните извидувачки операции кон Србија.
Но, тој изјави дека границата не е помината. Рече дека на 5 и 20 јуни биле забележани албански беспилотни летала „Бајрактар“ како полетуваат од Ѓаковица, град во западно Косово.
Тој, како што пренесуваат медиумите во регионот, додал дека овие летала достигнале височина од речиси 5.800 метри „со намера да ги извидат позициите на српската војска“.
Коментирајќи ги заклучоците од седницата, тој рече дека се „модернизира и зголемува опремата и оружјето“, пренесува „Нова.рс“.
Тој призна дека не е задоволен од пополнувањето на единиците на српската армија „на северот на Србија, особено во Белград и Војводина“.
„Имаме многу предизвици. Во регионот се собрани големи сили, од значајни сили во земјите од регионот до огромен број членки на НАТО за кои сме убедени дека нема да бидат искористени против српскиот народ или Србија на кој било начин“, рече тој. Заклучи дека Србија мора да биде многу појасна во својата порака за одвраќање на секој потенцијален агресор.





