MKinformer

your daily dose of news

(Видео)Хеликоптери и утрово гаснат на Блаце, позната причината за пожарот

07/07/2025 8:16

Голем пожар кој вчера попладне избувна во скопскиот регион Чучер Сандево, над магистралниот пат Скопје–Блаце, ангажираше бројни ресурси од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), армијата и полицијата.

Како што информираше утрово директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, во акцијата се вклучени два полициски и еден армиски хеликоптер, како и едно возило „хермелин“ со цистерна, едно теренско возило „пинцгауер“ и едно „амарок“, сите во сопственост на ДЗС. Овие ресурси делуваат како поддршка на скопската противпожарна бригада, која со повеќе возила и пожарникари се бори со огнената стихија.

Причина: цигара или намерно палење?

Ангелов изјави дека, според првичните согледувања, пожарот избувнал веднаш покрај патот, а можна причина е фрлен отпушок од цигара од возило во движење или пак намерно потпалување.

„Апелираме до граѓаните да се однесуваат одговорно и да не фрлаат отпушоци од цигари, дури и ако мислат дека се изгаснати,“ изјави Ангелов.

Апел за пријавување пожари

Граѓаните се повикуваат веднаш да пријават било каков пожар на бројот 112, за навремена реакција и спречување на поголеми последици.

Сообраќајот кон Блаце повторно отворен

Министерството за внатрешни работи информираше дека сообраќајот на патот кон граничниот премин Блаце е нормализиран, откако претходно беше воведена забрана за движење на товарни возила и автобуси поради проширувањето на пожарот. Забраната е укината синоќа откако ситуацијата била ставена под контрола.

error: Содржината е заштитена од копирање !!