АРСОВСКА: Ме тепаше со клоци, со закани за силување пред очите на полицајците
11/07/2025 16:08
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, изјави дека била брутално нападната во Чаир, притоа обвинувајќи го напаѓачот за физичко насилство, клоци и закани за силување, изречени пред присутни полициски службеници. Изјавата ја даде попладнево по излегувањето од болницата „8 Септември“, каде што беше примена по инцидентот.
Арсовска тврди дека лицето ѝ се заканувало и не само неа, туку и на нејзиниот син, семејството и на советниците на Град Скопје, кои биле плукани и навредувани, а врз нив биле фрлани и столчиња. Таа посочи дека биле на локацијата по пријава за лице кое нелегално градело објект и крадело струја и вода.
„Нападот се случи пред очите и ушите на полицијата, која не презеде ништо – наместо да го приведат, му дозволија да се заканува и да се јавува по телефони половина час,“ изјави Арсовска. Дополнително, наведе дека биле упатени бројни повици до бројот 192, но дека немало реакција, иако полицијата подоцна на местото испратила дополнителни сили.
Од МВР, пак, тврдат дека нападот бил пријавен од трето лице, а не од самата Арсовска, и дека таа самостојно заминала во болница. Од болницата „8 Септември“ не се дадени детали за нејзината состојба. Обвинителството изјави дека досега не добило официјална пријава или известување за инцидентот.
„Слободен печат“ се обрати до министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, со прашање зошто полицијата не реагирала веднаш, но одговор сè уште не е добиен.