САД и Кина го одложија меѓусебното воведување високи царини за 90 дена
12/08/2025 7:44
Соединетите Американски Држави и Кина постигнаа договор за продолжување на царинското примирје за дополнителни 90 дена, одложувајќи го зголемувањето на царините што требаше да стапи на сила денеска.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, на платформата Truth Social објави дека потпишал извршна наредба со која повисоките царини се суспендираат до 10 ноември. Истовремено, кинеското Министерство за трговија донесе идентична одлука, паузирајќи ги планираните дополнителни давачки за американските компании таргетирани уште во април.
Според претходниот план, американските царини за кинеските стоки требаше да достигнат 145%, а кинеските за американските стоки 125% – нивоа кои би значеле речиси целосно трговско ембарго. Засега на сила остануваат царини од 30% за кинескиот увоз во САД и 10% за американскиот увоз во Кина.
Продолжувањето на рокот ќе овозможи американските трговци да ги зголемат залихите пред празничната сезона, особено за електроника, облека и играчки, со пониски царински стапки.
Кина ја оцени мерката како чекор за понатамошно спроведување на консензусот постигнат од претседателите Си Џинпинг и Доналд Трамп во јуни, со цел стабилизирање на глобалната економија.
Трамп изјави за CNBC дека САД и Кина се „многу блиску“ до трговски договор и дека доколку се постигне, ќе се сретне со Си Џинпинг пред крајот на годината. Поранешната американска трговска функционерка Венди Катлер оцени дека двата потези претставуваат сигнал за деескалација и можност за самит оваа есен.





