Демирхисарската гимназија во хаос: Кривична пријава против градоначалникот и инспектори за партиски вработувања
22/08/2025 17:54
Демир Хисар е потресен од нов скандал. Адвокатот Жарко Стеваноски поднесе кривична пријава до Обвинителството за гонење организиран криминал, обвинувајќи шест службени лица – меѓу кои и градоначалникот Никола Најдовски – за организирани незаконски активности со единствена цел: партиски вработувања во локалната гимназија.
Според пријавата, од мај до август 2025 година, градоначалникот, директорката назначена од него, двајца просветни и двајца полициски инспектори координирано работеле на разрешување на директорката Маја Лозановска за да се отвори простор за „своевиден партиски кадар“ во училиштето.
Стеваноски обвинува дека Најдовски инсистирал на нова инспекциска контрола иако претходно немало забелешки. Инспекторите овој пат утврдиле пропусти, по што истиот ден бил назначен нов директор, а Лозановска разрешена – ситуација што довела до апсурд гимназијата да има двајца директори.
Адвокатот оди чекор понатаму и тврди дека двајца полициски инспектори лажно пријавиле дека Лозановска уништила печати, иако не извршиле претрес и покрај судската наредба. Според него, тие дури барале таа на носилки да биде однесена на информативен разговор иако била на боледување. „Овој случај е јасен пример за злоупотреба на службените функции за партиски цели,“ изјави Стеваноски, додавајќи дека просветниот инспекторат станал алатка за политички притисоци.
Последиците се драматични: десетина дена пред почетокот на учебната година, гимназијата е речиси блокирана – печатите се во Обвинителството, вработените немаат земено плата, а матурантите ризикуваат да не добијат дипломи. „Ситуацијата е критична. Дали некој мисли на учениците и наставниците?“ прашува Лозановска, која сè уште фигурира како директорка во Централен регистар.
Градоначалникот Најдовски и Државниот просветен инспекторат засега молчат на обвинувањата и не одговорија на понудениот простор за коментар.




![Зaпoчнyвa oпepaциjaтa “Cмeнa нa Русковска”, eкc oбвинитeл oд СЈО глaвeн кaндидaт зa нacлeдник vilma-Ruskovska-696x487[1]](https://mkinformer.com/wp-content/uploads/2021/05/vilma-Ruskovska-696x4871-1.jpg)
