Прв фестивал на улична брза храна во Аеродром
22/08/2025 18:31
Во паркот „Авионче“ од 5 до 8 септември ќе се одржи првиот AERO Street Food Festival, настан кој ќе понуди единствена комбинација од гастрономија, музика и забава за сите возрасти.
На фестивалот ќе учествуваат 12 познати брендови за храна – меѓу кои Jojo’s BBQ, Oljo’s, Fat Kitchen, Lora’s Sushi, Smash Burger и La Pizza – со мени инспирирано од четири кујни:
А – американска,
Е – европска,
Р – регионална и
О – ориентална.
Посетителите ќе можат да вкусат модерни специјалитети од уличната гастрономија, но и традиционални јадења, проследени со богат избор на пијалаци.
Покрај храната, од 17:30 до 00:30 часот секоја вечер ќе има настапи на музички изведувачи и диџеи, меѓу кои Рингтонс, South park, Breakdown band, Гоце SAF, DJ Александар Јорданов, DJ Марко, DJ Мицов и DJ Симе.
Програмата ќе биде дополнета со забавни активности за посетителите – натпревари во брзо јадење, квизови, трки и други предизвици со награди, што ќе ја зголеми атрактивноста на фестивалот, особено за младите и семејствата.
„Со овој фестивал сакаме да ја промовираме урбаната култура и заедништвото преку храната и музиката. Верувам дека во септември паркот ‘Авионче’ ќе стане омилено место за жителите и гостите на Аеродром“. Изјави в.д. градоначалникот на општината, Дејан Митески.
Настанот се организира со поддршка од Општина Аеродром, а влезот е бесплатен за сите посетители.






