MKinformer

your daily dose of news

Преку 3000 наши студенти одлучиле да студираат во Словенија, нашите факултети неатрактивни

25/08/2025 18:33

Интересот за студирање во Словенија меѓу младите од Македонија не запира, туку постојано расте. Според информации до кои дојде Денар, во последните две години над 3000 студенти од земјава одлучиле да ги завршат своите студии во оваа членка на Европската Унија.

Главните причини за ваквиот избор се одличните услови за студирање, современата програма, квалитетниот професорски кадар и европската диплома која е признаена во западноевропските држави. Дополнително, дел од факултетите во Словенија нудат и бесплатни студии за македонските граѓани, а аплицирањето е поедноставено преку интернет-платформи.

Експертите оценуваат дека студирањето во странство не е негативно, напротив, тоа може да биде голем бенефит за Македонија доколку младите по завршувањето на образованието се вратат и го применат стекнатото знаење и искуство.

Загрижувачки е тоа што државата нема официјална статистика за бројот на студенти кои студираат во странство. Се знае само дека во изминатите 15 години државата платила стипендии за околу 400 студенти за упис на еден од 100-те најдобри универзитети во светот.

Надлежните најавуваат подготовка на нов Закон за високо образование, кој ќе донесе повеќе права и можности за професорите и студентите. Исто така, се разгледува и опција за загарантирано вработување на најдобрите студенти, како и нов Закон за студентски стандард со цел подобрување на финансирањето на студентските домови и стипендии.

Владата најавува и нови мерки за поддршка на науката: бесплатен пристап до научни бази на податоци, зголемен буџет за истражување и цел да се подигне позицијата на македонските универзитети поблиску до првата илјадарка на Шангајската листа.

error: Содржината е заштитена од копирање !!