(Видео)Претседателот на Аргентина, Хавиер Милеи, каменуван за време на кампања во Буенос Аирес
28/08/2025 10:21
Претседателот на Аргентина, Хавиер Милеи, беше нападнат со камења и шишиња додека водеше кампања во близина на главниот град Буенос Аирес. Инцидентот се случи во градот Ломас де Замора, околу 20 километри јужно од метрополата, каде Милеи ги поздравуваше своите поддржувачи од возило со отворена каросерија.
Според портпаролот на претседателот, Мануел Адорни, либертаријанскиот лидер не е повреден, но неговата колона морала веднаш да се повлече. Возилото, во кое биле и неговата сестра Карина Милеи и други официјални лица, го напуштило местото, додека меѓу поддржувачите и противниците на претседателот избувнале тепачки.
Судирите се поврзани со скандалот за наводна корупција во јавната агенција за лица со попреченост, во кој е вмешана сестрата на Милеи. Во протечени аудио снимки, поранешниот шеф на агенцијата, Диего Спањуоло, тврди дека Карина Милеи присвоила средства наменети за лицата со попреченост.
Претседателот Милеи остро ги демантираше овие обвинувања, нарекувајќи ги „лажни“ и најави дека ќе побара судска постапка против Спањуоло. „Ќе го изведеме пред лицето на правдата и ќе докажеме дека лажел“, изјави тој пред новинарите во Ломас де Замора.
Инцидентот доаѓа во чувствителен момент – во пресрет на парламентарните избори во октомври 2025, кои се прв голем тест за поддршката на Милеи откако ја презеде функцијата во декември 2023 година.
Иако неговите политики, вклучувајќи драстични буџетски кратења, доведоа до намалување на инфлацијата и буџетски суфицит, тие предизвикаа и големо незадоволство, особено поради намалувањето на трошоците за услуги за лицата со попреченост.
🇦🇷Argentina’s far-right President Milei was attacked with stones and bottles, and then nearly lynched, due to cutting disability payments and making deductions from retirees. pic.twitter.com/7ZVoZfo9vk
— Antifa_Ultras (@ultras_antifaa) August 27, 2025






