MKinformer

your daily dose of news

Туризмот „на апарати“: Нови летови, рекорден број патници, а туризмот со раст од само 1.5% од истиот период лани

12/09/2026 16:06

Туризмот со раст од само 1.5 отсто во првите седум месеци од 2026 година, и покрај новите авиолинии и најавите за нови тур-оператори, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Во периодот јануари–јули годинава, бројот на туристи е зголемен за само 1,5 отсто во споредба со истиот период лани.

Кај домашните туристи растот е 1,8 отсто, а кај странските 1,3 отсто.

Нови линии, рекорди со патници, но слаб ефект во туризмот

Во изминатиот период Владата и министерот за транспорт Александар Николоски во повеќе наврати ги истакнуваа новите директни авиолинии и растот на бројот на патници на македонските аеродроми.

Во дел од јавните настапи беа посочувани и рекордни бројки на патници, како доказ за подобрената авиоповрзаност на земјата.

Паралелно, беа најавувани нови тур-оператори и дополнителни туристички врски со странство.

Сепак, официјалните податоци за туризмот покажуваат значително поскромен резултат.

Во првите седум месеци од 2026 година бројот на туристи е зголемен за само 1,5 отсто во споредба со истиот период лани.

Над 223 илјади туристи во јули

Само во јули, Македонија ја посетиле 223.711 туристи.

Од нив, 43 отсто биле домашни, а 57 отсто странски.

Во истиот месец биле реализирани 795.083 ноќевања.

Кај ноќевањата, домашните туристи учествуваат со 67,2 отсто.

Странските гости учествуваат со 32,8 отсто.

Најмногу странски туристи од Турција

Во јули најмногу странски туристи пристигнале од Турција.

Нивниот број изнесувал 50.955.

Од Србија дошле 13.074 туристи.

Следуваат Германија со 5.393 и Романија со 5.090 туристи.

Ноќевањата растат уште побавно

Вкупниот број ноќевања во првите седум месеци од 2026 година е зголемен за само 0,5 отсто.

Кај домашните туристи има пад од еден отсто.

Кај странските гости, ноќевањата се зголемени за два отсто.

Ова покажува дека растот на туристичкиот сектор засега е значително послаб од впечатокот што го оставаат најавите за нови летови и рекорден број патници.

Повеќе патници не значи автоматски повеќе туристи

Подобрата авиоповрзаност може да помогне во растот на туризмот, но бројот на патници на аеродромите не е исто што и бројот на туристи.

Дел од патниците се граѓани на Македонија кои патуваат во странство, дел се транзитни или деловни патници, а само дел влегуваат во официјалната туристичка статистика.

Токму затоа податоците на ДЗС даваат поинаква слика од бројките за аеродромски сообраќај.

Туризмот со раст од само 1.5 отсто во однос на истиот период лани отвора прашање колкав е реалниот ефект од новите авиолинии и тур-оператори врз туристичкиот сектор.

error: Содржината е заштитена од копирање !!