Кирјас: Македонија е во „интелектуален ќорсокак“, запчаниците не се заглавени во Брисел туку дома
08/09/2026 20:53
Македонија е во интелектуален ќорсокак во процесот на европска интеграција, оценува Емил Кирјас од Kirjas Global во анализа посветена на европскиот пат на земјата.
Според него, скринингот со Европската Унија одамна покажал што треба да се реформира, но практичната подготовка за преговорите изостанува.
„Патот е трасиран но нема акција“
Кирјас потсетува дека скринингот завршил во декември 2023 година.
Со него, како што наведува, детално биле мапирани реформите во правната рамка, економијата, законодавството и еколошките стандарди.
Според него, јасно се утврдени и чекорите поврзани со корупцијата, клиентелизмот и неказнивоста.
Сепак, тој тврди дека Македонија сè уште нема целосно формирани преговарачки тимови и доволно широка експертска дебата.
„Патот е трасиран. Сепак, нема формирано преговарачки тимови. Анализата постои, но акцијата едноставно – не“, пишува Кирјас.
Албанија Молдавија и Украина одат напред
Во анализата тој прави споредба со другите земји кандидати.
Според Кирјас, Црна Гора е во завршна фаза од преговорите, додека Албанија значително се оддалечила од Македонија.
Тој додава дека и Молдавија и Украина ги придвижуваат своите преговарачки структури.
Поради тоа, оценува дека Македонија се наоѓа во состојба која однадвор станува сè потешко разбирлива.
„Запчаниците не се заглавени во Брисел“
Кирјас смета дека аргументот за блокада однадвор веќе не е доволен.
Според него, реформите утврдени со скринингот можат да се спроведуваат и без формално отворање на сите следни фази од преговорите.
„Запчаниците не се заглавени во Брисел, туку тие се заглавени дома“, наведува тој.
Тој ја критикува и тенденцијата Реформската агенда да се претставува како замена за целиот пристапен процес.
Според него, таа е само механизам за забрзување на реформите, а не алтернатива на членството.
Критики и за дипломатската мрежа
Кирјас тврди дека дел од расположливите државни и дипломатски капацитети не се користат доволно за европската интеграција.
Тој критикува кадровски решенија во дипломатско-конзуларните претставништва и празните раководни позиции.
Според неговата оценка, таквата состојба веќе не изгледа случајна.
САД не можат да бидат економска замена за ЕУ
Посебен дел од анализата е посветен на односите со Соединетите Американски Држави.
Кирјас прави разлика меѓу безбедносното партнерство со САД и НАТО и економскиот модел што го нуди Европската Унија.
Тој смета дека евентуално посилно економско приближување кон Вашингтон не може да биде замена за европската интеграција.
Како аргумент ја посочува силната зависност на македонскиот извоз од европскиот пазар.
Според неговата анализа, огромен дел од македонскиот извоз завршува во ЕУ.
Транспортните трошоци, географската оддалеченост и структурата на македонската економија, според него, дополнително ја ограничуваат можноста американскиот пазар да биде вистинска алтернатива.
„ЕУ го дава социјално-економскиот модел“
Кирјас смета дека НАТО и САД ја обезбедуваат безбедносната компонента на западната интеграција.
Европската Унија, пак, го обезбедува пристапот до единствениот пазар, фондовите, регулативата и институционалните стандарди.
Според него, токму оваа разлика е клучна за идниот развој на Македонија.
Тој предупредува дека секоја изгубена година во процесот на пристапување значи и пропуштени финансиски и развојни можности.
Критики и кон СДСМ
Во анализата не е поштедена ниту опозицијата.
Кирјас оценува дека СДСМ не успева да се наметне како јасна европска алтернатива и коректив на власта.
Посебно го критикува работењето на Националниот совет за европски интеграции.
Според него, оттаму недостигаат дебати, предлози и конкретна визија за реформите.
Македонија мора да дефинира сопствена позиција
Кирјас предупредува дека во следниот период ќе се носат важни одлуки на европско ниво.
Според него, Македонија мора навреме да дефинира јасни позиции и да престане да биде само набљудувач на процесите.
„Независната држава не е само онаа со сопствено знаме и химна. Таа е онаа која знае што сака, умее да го каже и умее да го одбрани“, пишува Кирјас.
Македонија е во интелектуален ќорсокак, оценува тој, не поради недостаток на способни луѓе, туку поради политичка неспособност тие капацитети да се стават во функција на државата.






