Македонски газда ќе одговара за смртта на работникот Петар Мицев, по 4 години покренато обвинение
29/10/2025 19:58
Основното јавно обвинителство Кавадарци поднесе обвинителен акт против лице од Неготино и правното лице на кое тој е сопственик и управител, поради тешки дела против општата сигурност и предизвикување општа опасност. Случајот се однесува на несреќа што се случила на 21 јули 2021 година при извршување работи на сепарација на реката Вардар, кога еден работник го загубил животот, а друг бил повреден.
Според обвинението, управителот не ги почитувал законските прописи за безбедност при работа, го прекршил Законот за работни односи и го ангажирал сега починатиот Петар Мицев без договор за вработување и без да провери дали поседува соодветна возачка дозвола за тешко моторно возило.
Несреќата се случила кога Мицев со камион на фирмата превезувал песок од реката Вардар до сепарацијата кај местото „Пумпите“. При возење по тесен насип од чакал, возилото се превртело и паднало во реката. Совозачот успеал да се извлече со полесни повреди, додека возачот останал заробен под камионот и починал.
Обвинителството отвори постапка и против вработен во АД „Водостопанство на РСМ“ – Подружница Тиквеш, кој во својство на службено лице заверил испратници со невистинита содржина. Тој се товари за продолжено кривично дело, фалсификување службена исправа, согласно член 361 став 1 од Кривичниот законик.






