MKinformer

your daily dose of news

Кисела Вода и Факултетот за физичко образование со заедничка мисија, обука за наставниците за работа со деца со посебни потреби

11/11/2025 10:45

Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска, оствари работна средба со деканот на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, проф. д-р Влатко Неделковски, на која беше договорена институционална соработка насочена кон унапредување на наставата по физичко образование и создавање инклузивна средина во училиштата.

Главна тема на состанокот беше развивањето на нови можности за поддршка на наставниците и поттикнување на здрави животни навики кај најмладите. Како прв конкретен чекор, во декември ќе започне обука за наставниците по физичко образование од сите основни училишта во Кисела Вода, со цел стекнување знаења за работа со деца со посебни потреби.

Оваа обука, според двете институции, ќе придонесе за поголема пристапност и разбирање во наставниот процес, како и за промовирање на еднакви можности за сите ученици.

– Ми беше драго што се запознавме со активностите на факултетот и што заеднички можеме да направиме повеќе за здравјето и развојот на децата, особено на оние со попреченост. Со деканот, проф. д-р Неделковски, разговаравме и за идни проекти кои ќе придонесат за зајакнување на спортот и физичката култура кај најмладите – истакна градоначалничката Стаменкоска-Трајкоска.

Таа додаде дека во фокусот на општината останува подобрувањето на спортската инфраструктура, унапредувањето на наставата по физичко образование и обезбедувањето еднакви можности за сите деца, без исклучок.

error: Содржината е заштитена од копирање !!