Кина им препорачa на граѓаните да не патуваат во Јапонија поради изјавите на Такаичи за можна воена интервенција во Тајван
15/11/2025 10:43
Кина издаде препорака до своите граѓани да избегнуваат патувања во Јапонија, поради растечките тензии предизвикани од неодамнешната изјава на јапонската премиерка Санаe Такаичи, која изјави дека Токио би можел воено да интервенира за да го одбрани Тајван. За Пекинг, Тајван претставува отцепена провинција и ваквите изјави се сметаат за сериозна закана.
Во соопштението објавено на кинеските социјални мрежи, Министерството за надворешни работи на Кина, како и кинеската амбасада и конзулати во Јапонија, ги повикуваат граѓаните да ја избегнуваат земјата „во блиска иднина“.
„Јапонските лидери неодамна дадоа отворено провокативни изјави за Тајван, кои сериозно ја нарушија климата помеѓу народите“, се наведува во соопштението.
Односите меѓу Кина и Јапонија дополнително се заострени со години, но изјавата на Такаичи предизвика нов дипломатски судир, кој сега се прелева и на патувањата, што може да има последици врз туризмот и економските врски меѓу двете земји.






