Поради здравствени причини откажано обраќањето на премиерот Мицкоски на македонско-српскиот форум
03/12/2025 11:24
Повеќе од 200 компании и најмалку 300 учесници денеска учествуваат на македонско-српскиот бизнис форум што се одржува во хотелот „Александар палас“ во Скопје, со цел продлабочување на економската соработка меѓу двете земји. Настанот претставува една од најголемите деловни платформи во последните години.
Од Владата соопштија дека поради здравствени причини ќе изостане присуството и обраќањето на премиерот Христијан Мицкоски.
Пред почетокот на форумот, во Владата ќе биде потпишан Меморандум за разбирање меѓу заменик-претседателот на македонската Влада и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ, и заменик-претседателката на Владата на Србија и министерка за економија Адријана Месаровиќ.
Стоилковиќ и Месаровиќ вчера ги посетија компанијата „Пекабеско“ и винаријата „Камник“, каде што истакнаа дека потенцијалот за економска соработка е значително поголем, особено во прехранбената индустрија, и дека постои јасна тенденција за зголемување на билатералната размена.
Иако годинава размената меѓу Македонија и Србија бележи раст, двете страни оценуваат дека постојат далеку поголеми неискористени можности кои може да се реализираат преку заеднички проекти и олеснети трговски процедури.






