И покрај тарифните војни со САД и Европа, Кинескиот извоз со раст од 5,9% во ноември
08/12/2025 18:24
Кинескиот извоз во ноември порасна за солидни 5,9% на годишно ниво, над прогнозите на аналитичарите, пренесува CNBC. Сепак, испораките кон американскиот пазар продолжуваат да паѓаат, и тоа значително, иако Пекинг и Вашингтон кон крајот на октомври постигнаа нов трговски договор во Јужна Кореја.
Во истиот период, увозот во Кина се зголеми за 1,9%, побавно од очекуваното, што економистите го поврзуваат со продолжената криза на пазарот на недвижности и слабата домашна потрошувачка.
Најизразен е падот на испораките во САД – намалување од 28,6% на годишно ниво, осми последователен месец со двоцифрен пад. Увозот од САД, исто така, падна за 19%.
Од друга страна, Кина бележи раст на извозот кон други клучни партнери: кон АСЕАН државите зголемување од 8%, а кон Европската Унија речиси 15%, што делумно ги компензира загубите од американскиот пазар.
Во периодот јануари–ноември, вкупниот кинески извоз е зголемен за 5,4%, додека увозот е намален за 0,6%. Трговскиот суфицит достигна 1,076 трилиони долари, што претставува раст од 21,6% во однос на претходната година.
Подоцна овој месец, Пекинг ќе ја одржи годишната Централна економска работна конференција, на која ќе се дефинираат приоритетите за 2026 година. Според аналитичарите, Кина ќе ја задржи целта за раст „околу 5 проценти“ и ќе примени нови мерки за фискално и монетарно олеснување за стабилизирање на домашната побарувачка и индустрискиот сектор.





