MKinformer

your daily dose of news

УЈП: Секоја четврта контрола утврдува неиздавање фискални сметки кај фирмите

08/12/2025 14:17

Управата за јавни приходи соопшти дека до крајот на ноември биле спроведени околу 4.000 контроли, при што биле откриени бројни неправилности поврзани со неиздавање фискални сметки. Од УЈП информираат дека се изречени повеќе од 2.500 глоби, а кај 113 даночни обврзници е издадена забрана за вршење дејност.

Од Управата нагласуваат дека фактот што секоја четврта контрола завршува со прекршок укажува на сериозно непријавување готовински промет, што дополнително отвора сомнежи за исплата на плати „во плик“ и готовински трансакции меѓу фирми — појави кои ја поттикнуваат сивата економија и создаваат нелојална конкуренција.

Дел од прекршителите добиле персонализирани известувања со повик доброволно да ги исправат даночните пријави, да го пријават прометот и да го платат долгиот данок. УЈП најавува дека таму каде што нема доброволно постапување, ќе следуваат нови, подетални контроли и индиректни методи за утврдување на прикриени приходи.

Во пресрет на новогодишните празници, најавени се засилени инспекции во угостителските објекти, рестораните, дискотеките, кафулињата и другите субјекти кои работат претежно со готовина.

Од УЈП потсетуваат дека пред засилените контроли спровеле обемен советодавен процес со над 3.500 теренски посети, при што на обврзниците им биле укажани најчестите неправилности. Меѓу забележаните проблеми се нефункционални или несоодветно обележани фискални апарати, несовпаѓање на адресите за регистрација, неуплата на дневен промет во банка и неизведување на дневни финансиски извештаи.

Покрај теренските контроли, УЈП направила детални анализи преку ГПРС системот и ДДВ-пријавите. Анализите покажале дека дел од обврзниците континуирано пријавувале исклучително низок или идентичен промет, несоодветен со капацитетот на објектот, како и отстапки меѓу податоците во фискалните каси и оние во ДДВ-пријавите.

error: Содржината е заштитена од копирање !!