УЈП: Студентите не се на удар, данокот се плаќа во Македонија
31/03/2026 18:24
УЈП демантира: Студентите не се „на удар“
Управата за јавни приходи (УЈП) излезе со соопштение во кое ги демантира тврдењата на дел од медиумите дека студентите се „на удар“ поради даночни обврски за летната работа во Германија. Од УЈП потенцираат дека не наметнуваат нови обврски и дека нивните активности се насочени кон воспоставување ред во оданочувањето и правилна примена на законските правила за сите даночни обврзници.
„Пристапот на УЈП не е насочен само кон присилно спроведување на законските одредби, туку пред сè кон поттикнување доброволно пријавување и плаќање на даноците, преку јавно и персонализирано појаснување на законските обврски“, се вели во соопштението.
Персонализирани известувања и упатства
УЈП истакнува дека во изминатиот период на својата веб-страница објавила повеќе појаснувачки материјали, вклучително информации, одговори на најчесто поставувани прашања, видео-упатства и потсетувања за законските рокови.
Дополнително, во два наврати биле испратени персонализирани известувања до сите граѓани кои во 2025 година оствариле доход од работа во странство, со цел тие навремено да бидат информирани за обврската за пријавување. Во оваа категорија спаѓаат и студентите кои оствариле доход преку краткотрајна работа во странство.
Кој е даночен резидент и каде се плаќа данокот?
Од УЈП појаснуваат дека според Законот за данокот на личен доход, секое физичко лице македонски даночен резидент има обврска да пријави и плати данок на доходот остварен како во земјата, така и од странство.
За даночен резидент се смета лице кое:
има постојано живеалиште во Македонија, или
престојува на територијата на државата повеќе од 183 дена во кој било 12-месечен период
Физичките лица (студенти) кои оствариле доход од краткотрајна работа во Германија, со работа таму во период пократок од 183 дена, се македонски даночни резиденти.
Нема двојно оданочување, но данокот се плаќа во Македонија
УЈП потенцира дека не може да има двојно оданочување на ист доход и дека законите и меѓународните договори прецизно утврдуваат во која држава се плаќа данокот.
Според Договорот со Германија за одбегнување на двојното оданочување, за доходот од краткотрајна работа (помалку од 183 дена) данокот се плаќа во Македонија.
Од УЈП објаснуваат дека данокот кој германските исплатувачи го задржале и платиле, им е вратен на студентите од страна на Германската даночна администрација. Токму тој доход (бруто износ) е предмет на оданочување во Македонија.
Што треба да направат студентите?
Студентите кои оствариле доход од краткотрајна работа во Германија имаат обврска:
Да го пријават доходот преку системот е-даночни услуги
Да поднесат електронска пресметка (Е-ПДД) најдоцна до 10-ти во месецот за доходот остварен во претходниот месец
Во пресметката задолжително да ги внесат податоците за државата, датумот на прилив, износот и валутата
По одобрување на пресметката, да го платат утврдениот данок најдоцна до 15-ти во месецот
Од УЈП нагласуваат дека овие активности се насочени кон подигање на свеста за законските обврски и обезбедување поддршка за нивно правилно и навремено исполнување. За дополнителни информации, граѓаните можат да се информираат преку официјалната веб-страница на Управата за јавни приходи.