MKinformer

your daily dose of news

Стопанска банка Битола жестоко реагира на обвинувањата на СДСМ за Алта банка

12/12/2025 16:30

Од Стопанска банка АД Битола најостро реагираат на денешната прес-конференција на СДСМ, оценувајќи дека изнесените тврдења се невистинити, манипулативни и целосно неосновани, како и спротивни на јавно прокламираните заложби на партијата за привлекување странски инвестиции и зајакнување на регионалната економска соработка.

Од банката наведуваат дека е особено загрижувачки што една политичка партија која се претставува како сериозен општествен фактор, пласира неточни информации поврзани со банкарски субјект, со што се создава непотребна несигурност во финансискиот систем и директно се нарушува довербата во банкарскиот сектор.

Дополнително, од Стопанска банка Битола посочуваат дека изнесените ставови се идентични со оние кои во изминатиот период ги застапувал и нивниот поранешен политички партнер ДУИ, што, според нив, дополнително го доведува во прашање мотивот зад ваквите обвинувања.

Во реакцијата се нагласува дека Алта банка АД Белград е значајна членка на Алта групацијата и претставува една од поиновативните финансиски институции во Србија, со активна инвестициска улога не само во Македонија, туку и во поширокиот регион. Банката, како што се наведува, бележи континуиран раст и позитивни деловни резултати, а во 2024 година добила признание за најбрзо растечка и најиновативна банка во Република Србија.

Стопанска банка АД Битола потенцира дека партнерството со стабилен и реномиран стратешки инвеститор претставува позитивен сигнал за домашниот банкарски сектор и за целокупната економија. Од таму порачуваат дека доколку СДСМ јавно не се извини за изнесените дезинформации, ќе бидат преземени сите соодветни правни и институционални мерки за заштита на угледот и интегритетот на банката.

error: Содржината е заштитена од копирање !!