Вечното кошаркарско дерби без „Градски парк“ и без ТВ-пренос
14/12/2025 10:43
Првата сезонска пресметка меѓу вечните кошаркарски ривали Работнички и МЗТ Скопје, закажана за недела во 18 часот, нема да се одигра во реновираната сала „Градски парк“, иако тоа беше најавувано како симболично враќање на дербито во храмот на македонската кошарка. Наместо тоа, 15-кратниот шампион официјално ја пријави салата СРЦ „Кале“ како домаќин на дуелот.

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, во предизборниот период најавуваше дека обновениот „Градски парк“ ќе биде свечено отворен токму со големото дерби, но очигледно реконструкцијата сè уште не е целосно завршена. Иако неодамна беа објавени фотографии од поставување на паркетот, а трибините се веќе монтирани, враќањето на Работнички во неговиот традиционален дом ќе мора да почека, најверојатно до вториот дел од сезоната.
Дополнително разочарување за кошаркарската публика е информацијата дека дербито нема да биде пренесувано во живо на телевизија. Наместо тоа, од ова коло за директен ТВ-пренос е избран натпреварот меѓу Кожув и Куманово. Така, навивачите ќе можат да го следат дербито исклучиво од трибините во „Кале“ или преку интернет-стрим, кој во оваа сала често е со ограничена видливост поради знамињата што навивачките групи ги истакнуваат пред камерите.






