Бран насилство во Скопје: напади, разбојништва и повреден полицаец за само еден ден
24/12/2025 14:01
Скопје сè почесто се соочува со сериозни инциденти поврзани со насилство и разбојништва, што ја отвора дилемата дали безбедносната состојба во главниот град е под соодветна контрола. Само во текот на еден ден, завчера, беа регистрирани неколку сериозни случаи на физички напади и криминални дејствија на различни локации низ градот.
На подрачјето на Средно Водно, скопјанец бил физички нападнат и претепан по вербално недоразбирање во сообраќајот. Нападот го извршило едно лице, а инцидентот повторно ја отвора темата за сè поагресивното однесување на дел од учесниците во сообраќајот.
Истиот ден, во раните утрински часови, во казино во општина Аеродром било извршено разбојништво. Со закана кон вработена, сторителот одзел пари од дневниот промет и избегал. По разбојникот сè уште се трага.
Особено загрижувачки е фактот што завчера бил нападнат и полициски службеник. Пред ноќен клуб во Градскиот парк, вооружен странец физички нападнал припадник на Министерство за внатрешни работи, кој се обидел да изврши легитимирање. Напаѓачот со удари со тупаници му нанел телесни повреди на полицаецот.
Дополнително, на 21 декември 2025 година, на патот кон Драчево, на возач му бил насилно запрен патот од две возила, по што група лица со тврди предмети го нападнале и го претепале.
Низата на инциденти во само 24 часа сериозно ја вознемирува јавноста. Иако системот „Сејф сити“ веќе има ефект врз санкционирањето на сообраќајните прекршоци, останува отворено прашањето: кој и како се справува со уличното насилство и разбојништвата?
Очигледно е дека главниот град има потреба од засилено полициско присуство, повеќе патроли и поинтензивен теренски надзор. Без проактивна улога на полицијата и превентивни мерки, ризикот од понатамошно нарушување на јавната безбедност останува реален и сериозен проблем за скопјани.



![Во Дебар се предлага организирање на вoopyжени гpaѓански стpaжи policija-mvr[1]](https://mkinformer.com/wp-content/uploads/2021/05/policija-mvr1.png)


