Кина го отвори автопатот Урумќи–Јули низ Тјаншан: преполовено времето на патување
26/12/2025 13:04
По повеќе од пет години интензивна изградба, Кина денеска официјално го пушти во сообраќај автопатот Урумќи–Јули, кој минува низ планинскиот масив Тјаншан во северозападниот автономен регион Синѓијанг-Ујгур.
Со новата сообраќајница значително е скратено времето на патување меѓу северните и јужните делови на планините. Патувањето од регионалниот центар Урумќи до градот Корла сега трае околу три и пол часа, наспроти претходните седум часа.
Планините Тјаншан се протегаат на должина од околу 2.500 километри низ целиот регион, а автопатот што ги преминува е долг 324,7 километри. Проектот вклучува 12 клучки, 17 тунели, како и голем број мостови, вијадукти и пропусти, што го прави еден од најкомплексните инфраструктурни зафати во регионот.
Клучен дел од трасата е тунелот Тјаншан Шенгли, кој со должина од 22,13 километри е најдолгиот автопатски тунел во светот, а воедно располага и со најдлабокото автопатско окно, со што се поставени два светски рекорди. Ова го истакна China Communications Construction Company, која беше носител на изградбата.
Освен што ја поврзува метрополитенската област Урумќи со јужниот дел на Синѓијанг, автопатот обезбедува директна и побрза врска меѓу пилот-зоните за слободна трговија во Урумќи, Кашгар и Хоргос. Со тоа значително се намалуваат логистичките трошоци и се поттикнува економската размена меѓу северниот и јужниот дел на регионот.
Новата сообраќајница овозможува побрза двонасочна циркулација на енергија и индустриска опрема од северен Синѓијанг, како и земјоделски и специфични ресурси од јужниот дел на регионот. Воедно, автопатот се поврзува со повеќе важни национални и меѓународни сообраќајни коридори.
Според регионалните власти, проектот дополнително ја зајакнува стратешката улога на Синѓијанг како клучен транспортен и логистички јазол во рамки на поврзувањето на Кина со Централна Азија, Западна Азија и Пакистан, како и во новите копнено-поморски трговски коридори.






