MKinformer

your daily dose of news

САД ги повикаа своите државјани итно да го напуштат Иран

06/02/2026 14:06

Виртуелната амбасада на Соединети Американски Држави во Техеран упати итен апел до американските државјани кои се наоѓаат во Иран веднаш да ја напуштат земјата, поради сериозно влошената безбедносна состојба.

Во соопштението се наведува дека во Иран се спроведуваат засилени безбедносни мерки, вклучително и затворање на патишта, прекини во јавниот превоз и ограничувања или целосни прекини на интернет и телекомуникациските мрежи. Иранските власти, како што се наведува, продолжуваат да го ограничуваат пристапот до мобилниот, фиксниот и националниот интернет, додека авиокомпаниите масовно ги откажуваат или редуцираат летовите до и од земјата.

„Напуштете го Иран веднаш. Граѓаните на САД треба да очекуваат континуирани прекини на интернет и да планираат алтернативни начини на комуникација. Доколку е безбедно, размислете за напуштање на Иран по копнен пат преку Ерменија или Турција, се наведува во апелот.

Од виртуелната амбасада предупредуваат дека откажувања на летови може да се случат без претходна најава и им препорачуваат на американските граѓани директно да се информираат кај авиокомпаниите. За оние кои не можат веднаш да ја напуштат земјата, се препорачува да останат во безбедни објекти, да се снабдат со храна, вода, лекови и други неопходни средства, како и да избегнуваат јавни собири и демонстрации.

Дополнително, се советува постојано следење на локалните медиуми, одржување на комуникација со семејството и пријателите и подготвеност за брза промена на плановите во зависност од развојот на состојбата.

error: Содржината е заштитена од копирање !!