Трагедија во Будимпешта: Смртоносен пожар во хотел, тројца загинати и над 20 повредени
13/02/2026 12:32
Смртоносен пожар избувна рано утринава во хотел во унгарската престолнина Будимпешта, при што има загинати лица, а повеќе од дваесет се повредени, дел од нив во тешка состојба.
Огнот ја зафатил двокатната зграда на хотелот „Спорт“, лоциран на улицата „Зичи Петер“. Според првичните информации, покривот на објектот бил целосно уништен од пламените јазици.
Како што пренесуваат локалните медиуми, причината за пожарот најверојатно е експлозија на плинска боца, но точните околности ќе се утврдуваат по завршување на истрагата.
Пожарникарските екипи веднаш интервенирале на терен и евакуирале дел од гостите и персоналот. Во урнатините биле пронајдени три безживотни тела, додека спасувачките служби продолжуваат со пребарување на просториите поради стравување дека има и други лица кои се водат како исчезнати.
Надлежните институции најавија детална истрага за утврдување на причините за трагедијата и за евентуалната одговорност.






