MKinformer

your daily dose of news

Со милион евра во кеш албански инспектор фатен на српско-косовска граница

25/02/2026 20:42

Непријавени 1 милион евра биле откриени при гранична контрола на преминот Мердаре, на влез од Србија во Косово, при што е уапсен полициски инспектор од Албанија заедно со уште две лица.

Станува збор за инспекторот Аурел Казиу од полициската станица Камза, во близина на Тирана. Неговото возило, тип комби, било подложено на детална контрола од косовските власти, при што парите биле пронајдени во специјално изработен, додаден простор во подот на возилото.

Заедно со Казиу биле приведени и двајца косовски државјани – Етник Ахмаџокај и Ардит Ласка. Сите тројца се наоѓаат во притвор и се сомничат за кривично дело „перење пари“.

Од Дирекцијата за професионални стандарди во албанската државна полиција соопштиле дека инспекторот веднаш е суспендиран откако биле известени од косовската страна за апсењето.

„Инспекторот е суспендиран откако косовската страна нè извести дека бил уапсен при обид да прошверцува 1 милион евра непријавени“, се наведува во соопштението.

Според медиумот „Топ чанел“, истражните органи сè уште не го утврдиле потеклото на средствата ниту нивната крајна дестинација. Постојат сомневања дека парите можеби припаѓаат на албанска криминална група која користела копнени патишта за транспорт на готовина.

Истрагата е во тек.

error: Содржината е заштитена од копирање !!