Куба остана без гориво: Масивни прекини на струја и протести во Хавана
14/05/2026 13:14
Куба остана без гориво: Масивни прекини на струја и протести во Хавана
Немаме повеќе резерви
Во Хавана избувнаа протести поради масовни струјни прекини, откако САД блокираа испораки на нафта за Куба, продлабочувајќи ја енергетската криза.
„Веќе немаме воопшто резерви на нафта и дизел“ – соопштија кубанските власти.
Стотици граѓани на улиците
Во кубанската престолнина избувнаа протести поради најтешките струјни прекини во последните децении. Стотици граѓани излегоа на улиците во неколку периферни населби, запалија отпад и ги блокираа патиштата.
Според агенцијата Ројтерс, многумина удирале по тенџериња и барале итно пуштање на електричната енергија.
Најголеми протести од почетокот на кризата
Според истата агенција, ова се најголемите протести во Хавана од почетокот на длабоката енергетска криза пред околу четири месеци. И покрај тензиите, протестите во најголем дел поминале мирно.
Енергетскиот систем во критична состојба
Од почетокот на годинава, САД ги блокираат испораките на нафта за Куба, а санкциите дополнително се заострени во јануари. Поради тоа, островската држава е практично отсечена од странските извори на гориво.
Кубанскиот министер за енергетика, Висенте де ла О, предупреди дека електроенергетската мрежа е во „критична состојба“.
20 до 22 часа дневно без струја
Според владините податоци, резервите на дизел и мазут се целосно исцрпени.
„Немаме повеќе резерви“ изјави де ла О во државните медиуми.
Тој додаде дека прекините во снабдувањето со струја значително се влошиле. Во многу делови од Хавана, граѓаните се без електрична енергија од 20 до 22 часа дневно. Ова дополнително ги засилува тензиите, бидејќи недостасуваат и храна, гориво и лекови.
Закани од Трамп и ограничени испораки
Блокадата на испораките од страна на САД трае уште од почетокот на годината. Ниту Мексико ниту Венецуела „досега клучни снабдувачи“ повеќе не испорачуваат гориво, по наредба на американскиот претседател Доналд Трамп.
Трамп им се закани со царини на сите земји што би испорачувале гориво за Куба. Од декември досега, само еден голем танкер, „Анатолиј Колодкин“ под руско знаме, доставил сурова нафта на островот.






