Државата подготвува ново задолжување од странство, реализација не се очекува пред септември
02/07/2026 16:40
Ново финансирање од странство ќе се реализира до крајот на годината, но не пред септември, изјави денеска министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Таа посочи дека засега не е утврдено за колкава сума станува збор. Понуди веќе се прибираат, а, според министерката, ќе биде избрана најповолната опција.
Дел од домашното финансирање ќе се замени со странско
Димитриеска-Кочоска објасни дека причината за странското финансирање е намалување на притисокот врз дел од домашните банки.
„Сè што е планирано, ќе се реализира. Единствената промена е во тоа што еден дел од финансирањето планирано на домашниот пазар, сега, со ребалансот го менуваме со странско финансирање, за да го намалиме притисокот на домашните банки“, изјави министерката.
Според неа, состојбата на Блискиот Исток кај одредени банки предизвикала поголеми притисоци во однос на ликвидноста.
„Подобро е да имаме девизен прилив“
Министерката рече дека државата треба делумно да ги растовари банките, особено во услови кога цените на нафтата и нафтените деривати биле повисоки и се плаќаат во девизи.
„Сметаме дека ние како држава треба во тој дел барем малку да ги растовариме, а имајќи предвид дека и цените на нафтата и нафтените деривати беа повисоки, ги плаќаме во девизи, подобро е да имаме девизен прилив“, истакна Димитриеска-Кочоска.
Задолжување нема да има пред септември
Министерката нагласи дека понудите се прибираат и дека одлуката ќе зависи од условите и од ликвидноста на Буџетот.
„Прибираме понуди, ќе видиме која ќе биде најповолна. Не сме одлучиле уште колкава ќе биде сумата. Средства се предвидени со ребалансот, но ќе видиме согласно ликвидноста на Буџетот, како се полни“, рече таа.
Димитриеска-Кочоска додаде дека задолжувањата ќе се планираат во зависност од развојот на состојбите, но дека сигурно нема да се реализираат пред септември.
Изјавата ја даде одговарајќи на новинарски прашања по отчетот за сработеното во изминатите две години.






