Ќе ја смири ли Филипче кавгата во СДСМ или ќе следи нова пресметка со Петровска и реформаторите?
06/07/2026 18:16
Ќе ја ескалира ли Венко Филипче кавгата со сопартијците во среда на седницата на Извршниот одбор на СДСМ, или првиот човек на опозицијата ќе ја спушти топката?
Ова прашање се отвора по серијата јавни прозивки меѓу раководството на СДСМ и учесниците во иницијативата „Разговорите за Македонија“.
Според информации на ТВ 24, во СДСМ се разгледуваат неколку опции од кои може да зависи иднината на пратеничката Славјанка Петровска во партијата.
Неколку сценарија на маса
Според ТВ 24, дел од најблиските соработници на Филипче очекуваат поостар потег кон Петровска и кон Митовски.
Во партијата се спомнува можност за најави за исклучување, како што претходно беше случај со Петре Шилегов и Јован Деспотовски, иако Филипче јавно тврди дека тоа нема да се случи.
Друга опција е Петровска да биде повикана на седницата за да даде отчет за нејзиното учество во иницијативата.
Трето сценарио е Филипче да ја спушти топката и да стави крај на јавните кавги во СДСМ.
Висок функционер: Ова отиде предалеку
Висок партиски функционер на СДСМ за ТВ 24 вели дека состојбата отишла предалеку и дека треба да се смири реториката.
„Јас сметам дека ова отиде предалеку и треба да се спушти топката. Нашиот непријател е Владата предводена од Христијан Мицкоски, а ваквото однесување на двете страни може да донесе само поделба на партијата. Но тоа не значи дека роварање по партиските органи и општинските организации ќе дозволиме“, вели функционерот за ТВ 24.
На Бихаќка има и порадикални ставови
Од друга страна, според ТВ 24, на Бихаќка можат да се слушнат и порадикални ставови.
Дел од функционерите сметаат дека Филипче треба до крај да расчисти со, како што ги нарекуваат, „реформаторите“.
Според нив, тие ја уриваат СДСМ однатре.
Претседавачот на Централниот одбор, Герасим Лазов, на Фејсбук ѝ порача на Петровска дека ја очекува на состанок во среда за да се објаснат.
СДСМ со остри обвинувања
Од СДСМ и денеска продолжија со остри прозивки кон учесниците во иницијативата.
„Учесниците во оваа иницијатива – дел од старата и новата УДБА, луѓе кои ја доведоа партијата до историски најниска поддршка, и кои сега соработуваат со ЗНАМ и други партии – не се реформатори. Тие се политички опортунисти кои, откако не успеаа да ја урнат СДСМ одвнатре, сега се обидуваат да го направат тоа однадвор, во сервис на истата власт против која наводно се борат“, соопштија од СДСМ.
Петровска: Моето учество не е против СДСМ
Пратеничката Славјанка Петровска, која беше директно прозвана заедно со Игор Ивановски и Андреј Петров, преку Фејсбук му се обрати на раководството на партијата.
Таа порача дека уште на конгресот јасно кажала дека СДСМ мора да се менува.
„На конгрес, пред присутните делегати јасно и гласно пратив порака дека мора да се менуваме, инаку ќе исчезнеме. Со слична порака го честитав и роденденот на партијата“, напиша Петровска.
Таа потсети дека предложила ветинг на пратениците и раководството, како и промена на Статутот за враќање на моќта на одлучување кај членството.
„Нема одговор. Останав СДСМ. Моето учество во Разговорите за Македонија не е против СДСМ, туку за СДСМ. Затоа што јас сум социјалдемократ и по убедување и по дејствување“, порача Петровска.
Битиќи со порака за различното мислење
Во иста насока, преку колумна се огласи и пратеникот Фатмир Битиќи.
Тој порача дека силните раководства не треба да се плашат од различно мислење.
„Несигурното раководство, пак, секоја индивидуалност ја гледа како ризик, секој автономен став како непослушност, а секој личен придонес се обидува да го претстави како долг кон структурата“, напиша Битиќи.
Ивановски и Петров со критики за Филипче
Игор Ивановски и Андреј Петров, како дел од иницијаторите на платформата, во повеќе медиумски гостувања порачаа дека Венко Филипче нема политички капацитет да ја води партијата.
Тие оценија и дека во јавноста се создава впечаток дека Филипче и Мицкоски се договорени.
Од друга страна, Филипче по неколку дена молк изјави дека поранешни функционери на СДСМ одработуваат за ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски.
Тој најави дека во среда партиските органи ќе дебатираат за учеството на Петровска на дебатата за иднината.
СДСМ пред нов внатрешен тест
Иницијативата „Разговорите за Македонија“ се одржа зад затворени врати.
На неа учествуваа поранешни функционери на СДСМ, адвокати, универзитетски професори, актуелни и поранешни пратеници.
Од трибината беше испратена порака дека земјата ја води неефикасна власт и виртуелна опозиција.
Сега, СДСМ влегува во нов внатрешен тест.
Од исходот на седницата во среда ќе зависи дали партијата ќе се обиде да ја смири кавгата или ќе влезе во нова фаза на пресметки меѓу раководството и критичарите.





