Кина пушти гравитациска кула за складирање струја
09/07/2026 10:20
Кина пушти во работа гравитациска кула што складира енергија без батерии
Нов систем користи бетонски блокови наместо литиум
Кина стави во функција иновативен систем за складирање електрична енергија кој не користи литиумски батерии, туку гравитација и бетонски блокови. Станува збор за кула висока 148 метри во градот Рудонг, во покраината Џангсу, која ја претвора вишокот енергија од ветер во потенцијална енергија.
Проектот е развиен врз концептот на швајцарската компанија Energy Vault, која со години промовира алтернативен начин за складирање електрична енергија преку кревање и контролирано спуштање на тешки бетонски блокови.
Како функционира системот?
Кога ветерните електрани произведуваат повеќе електрична енергија отколку што е потребно, електричните мотори ги подигаат бетонските блокови, секој тежок околу 35 тони, до врвот на кулата.
Кога потрошувачката на електрична енергија ќе се зголеми, блоковите контролирано се спуштаат, при што ја придвижуваат механиката и генераторите што повторно произведуваат електрична енергија и ја враќаат во мрежата.
Дополнителна еколошка придобивка е тоа што блоковите се изработени од рециклиран бетон и индустриски отпад.
Капацитет од 100 мегават-часови
Гравитациската централа располага со капацитет за складирање од 100 мегават-часови (MWh) и може континуирано да испорачува 25 мегавати (MW) електрична енергија во период од четири часа.
Според инвеститорите, ефикасноста на целиот циклус на полнење и празнење надминува 80 проценти.
Предност во однос на батериите
Една од најголемите предности на оваа технологија е долгиот работен век. За разлика од литиумските батерии, кои со текот на времето губат капацитет поради хемиска деградација, гравитацискиот систем може да функционира до 35 години без значително намалување на перформансите.
Изградбата и финансирањето ги реализираше кинеската компанија China Tianying, а објектот официјално беше поврзан со националната електроенергетска мрежа во декември 2023 година.
Планирани уште девет вакви објекти
По успешното пуштање во работа на првата кула, Кина веќе планира изградба на уште девет слични постројки.
Според најавите, тие заедно ќе обезбедат капацитет за складирање поголем од 3,7 гигават-часови (GWh).
За разлика од реверзибилните хидроцентрали, кои зависат од специфичен релјеф и големи количини вода, ваквите гравитациски системи можат да се постават на рамни терени, што овозможува полесно интегрирање со соларни и ветерни електрани.






