Грција објави мапа за опасната риба зајак
09/07/2026 10:42
Грција објави дигитална мапа за следење на опасната риба зајак
Властите предупредуваат да не се допира и да не се консумира
Грчките власти објавија интерактивна дигитална мапа преку Google Maps, со која во реално време се следи појавата и ширењето на опасната риба зајак (Lagocephalus sceleratus) во грчките води.
Целта на мапата е граѓаните, туристите и рибарите да имаат подобар увид во областите каде што е регистриран овој инвазивен вид, кој претставува ризик и за луѓето и за морскиот екосистем.

Рибата е присутна во Егејското и Јонското Море
Рибата зајак природно живее во тропските води на Индискиот и Тихиот Океан, но во последните години значително се прошири и во источниот Медитеран.
Во Грција првпат била забележана во близина на Родос, Крит и островите Додеканези. Денес, според официјалните податоци, е распространета низ поголемиот дел од Егејското Море, а ја има и во одредени делови од Јонското Море.
Експертите предупредуваат на смртоносен токсин
Надлежните апелираат до капачите да не ја допираат рибата доколку ја забележат во морето.
Дополнително предупредување е упатено и до рибарите, бидејќи рибата не смее да се користи за исхрана. Таа содржи опасен токсин кој не се уништува ниту по термичка обработка, што ја прави исклучително опасна за консумирање.
Финансиски поттик за професионалните рибари
Поради сè почестите појави на овој вид и штетите што ги предизвикува врз морскиот екосистем и риболовната опрема, грчкото Министерство за земјоделски развој и храна воведе пилот-програма за професионалните рибари.
Според програмата, за секој килограм уловена риба зајак се исплаќа субвенција од 5,33 евра.
Поставени заштитни бариери на плажите
Покрај дигиталното следење, Грција започна и со поставување пловечки заштитни бариери на неколку популарни плажи во регионот Евбеја.
Со оваа мерка властите сакаат да го намалат ризикот од контакт меѓу капачите и опасната риба за време на летната туристичка сезона, кога плажите се најпосетени.




![Kлимaтoлoзитe co стpaшнa пpoгнoзa: Kлимaтa нa Балканoт ќe бидe yштe пoлoшa toplo-vremeeeee-650x396[1]](https://mkinformer.com/wp-content/uploads/2021/06/toplo-vremeeeee-650x3961-1.jpg)

