Трамп му се закани на Иран со масовен напад ако го убијат
11/07/2026 10:03
Трамп со остра закана до Иран: Ќе следи масовен воен одговор
Американскиот претседател предупреди на силен одговор
Американскиот претседател Доналд Трамп упати нова остра закана кон Иран, предупредувајќи дека секој обид за атентат врз него ќе предизвика масовен воен одговор од Соединетите Американски Држави.
Во објава на платформата Truth Social, Трамп тврди дека американската војска е подготвена за решителна реакција доколку, како што наведува, иранските власти се обидат да го ликвидираат.
„Илјада ракети се насочени кон Иран“
Трамп порача дека веќе се издадени конкретни наредби и дека американските сили располагаат со подготвен план за одговор.
„Илјада ракети се натоварени и насочени кон Исламската Република Иран, а уште илјадници ќе следат веднаш доколку иранската влада ја исполни својата закана“, напиша тој, додавајќи дека американската војска е подготвена „целосно да ги уништи“ целите во Иран.
Трамп тврди дека подолго време е цел на Иран
Американскиот претседател и претходно изјави дека оставил инструкции за одговорот на Вашингтон доколку биде извршен атентат врз него, предупредувајќи дека Иран во тој случај ќе се соочи со последици „какви што никогаш претходно не видел“.
Во неодамнешно интервју, Трамп рече дека, според неговите информации, подолг период бил цел на закани поврзани со Иран.
Заканувачки пораки на погребната поворка во Техеран
Новата ескалација на реториката доаѓа откако за време на погребната поворка на убиениот лидер на Исламската револуција, ајатолахот Али Хамнеи, во Техеран беа забележани транспаренти со пораки насочени против Трамп.
На еден од транспарентите стоеше пораката „Ќе го убиеме Трамп“, додека дел од присутните повикуваа на одмазда за смртта на нивниот верски водач.






