Македонскиот борач Нуров утре настапува на Олимписките игри во токио
05/08/2021 20:50Македонскиот олимписки состав утре рано наутро ќе го има својот последен претставник на Игрите во Токио во борачот Магомедгаџи Нуров, кој ќе настапи во категоријата 97 килограми слободен стил.
Нуров допатува во Токио со обезбедена олимписка норма, а негов прв противник во квалификациите ќе биде Тунижанецот Мохамед Садуи.
Доколку го совлада Садуи, македонскиот борач во четвртфиналето ќе се бори со победникот од дуелот меѓу Александар Хуштин од Белорусија и Кубанецот Раинерис Перез Салас, а во полуфиналето потенцијален противник може да му биде „рускиот тенк“ и најголем фаворит за златниот медал Абдулрашид Садулаев, кој ќе се бори со Шариф Шарифов од Азербејџан.
Првата борба на Нуров е закажана за утре наутро со почеток во 4:30 часот.






