ПАДНАА ЦАРИНСКИТЕ СТАПКИ: САД И КИНА ГИ СИМНАА ВРТОГЛАВИТЕ ТАРИФИ
12/05/2025 11:56
САД и Кина се договорија меѓусебно да ги намалат царинските стапки за 115 отсто на увезените производи за период од 90 дена, изјави денеска во Женева американскиот министер за финансии Скот Бесент, пренесува „Гардијан“.
Бесент на денешниот брифинг со новинарите истакна дека двете страни покажале „голема почит“ за време на преговорите и дека имаат заеднички интерес за урамнотежена трговија. На брифингот учествуваше и трговскиот претставник на САД Џејмисон Грир.
Договорот следува по викенд-преговорите меѓу претставници на двете земји, означувајќи значајна деескалација на трговската војна што започна минатиот месец. САД претходно ги зголемија царините за Кина на 145 отсто, додека Пекинг возврати со царини од 125 отсто за американските производи.
Прашан за деталите за новите царини меѓу САД и Кина, Грир објасни денеска дека договорот се заснова на реципрочната царина што САД ја воведоа на 2 април, како и на ескалаторските чекори што ги презедоа двете страни потоа.
Тој вели дека кинеската и американската страна завршиле со царини од 125 отсто на меѓусебниот увоз. „Сето тоа сега е намалено за 115 отсто, на 10 проценти за секоја страна“, вели Грир.




