MKinformer

your daily dose of news

Тошковски: Од петок „Оne stop shop” на Табановце, за брзо време и две нови ленти на Богородица

01/07/2025 17:04

Зголемениот метеж на граничните премини во летниот период ги поттикна властите да ја зајакнат соработката со соседните држави преку воведување на системот „One Stop Shop“. Од петок, 4 јули, на граничниот премин Табановце–Прешево започнува со работа интегрираниот граничен систем помеѓу Македонија и Србија, најави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Тој објасни дека новиот модел предвидува единствена контрола на влезот на патници и стоки во земјата, што значително ќе го забрза протокот на луѓе и товар. „Со Србија официјално ќе го активираме системот во петок, со пригодна церемонија. Воедно, интензивно разговараме и со Албанија за воспоставување на истиот модел на два гранични премини“, рече Тошковски.

Македонија веќе има воспоставено интегриран систем со Косово на премините Блаце и Јажинце, додека на Белановце тој сè уште не е активен. Во перспектива, истиот модел се планира и со Албанија.

Што се однесува до граничната контрола со Бугарија и Грција – двете држави членки на ЕУ и Шенген-зоната – Тошковски најави инфраструктурни подобрувања. Конкретно, на преминот Богородица со Грција, Министерството утврдило услови за отворање на најмалку уште две ленти за излез и дополнителна лента за влез на товарни возила.

Овие мерки беа објавени по билатералната средба помеѓу Тошковски и министерот за внатрешни работи на Литванија, Владислав Кондратович, кој престојува во официјална посета на Скопје. Двајцата министри потпишаа договори за реадмисија и за полициска соработка меѓу двете земји.

error: Содржината е заштитена од копирање !!