MKinformer

your daily dose of news

ПО ЗАКАНИТЕ ОД ТРАМП ЕУ СЕ ВРТИ КОН КИНА: ЕУ е подготвена за ново поглавје во односите со Кина

08/07/2025 13:25

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во обраќањето пред Европскиот парламент посветено на односите меѓу ЕУ и Кина, истакна дека овие две економски сили ќе имаат клучна улога во светската сцена до крајот на векот, што налага нов пристап заснован на трезвена проценка на глобалните реалности.

Таа потсети дека за само половина век, Кина прерасна од рурална и неразвиена земја во индустриски и технолошки лидер, извлекувајќи над 800 милиони луѓе од сиромаштија и станувајќи најголем заемодавач на земјите во развој. Според Фон дер Лајен, ваквиот развој ја трансформираше Кина во една од најголемите глобални сили.

Во своето излагање, таа подвлече дека Европската унија останува отворена за конструктивна и резултатска соработка со Кина, но и дека мора да ги ублажи реалните ризици што произлегуваат од системските разлики и нетранспарентните економски практики на Пекинг.

– Кина често дејствува надвор од правилата, со што го нарушува глобалниот пазар и ја задушува конкуренцијата – рече таа, предупредувајќи и на зголеменото кинеско влијание во дигиталниот и кибер просторот.

Фон дер Лајен посочи дека ЕУ веќе презема мерки за справување со овие предизвици, но и дека постои потенцијал за посилен и избалансиран партнерски однос, под услов да се постигне напредок во долгогодишните нерешени прашања.

Како клучни приоритети ги наведе: ребалансирање на економските односи, намалување на стратешките ризици, и зајакнување на глобалната соработка – особено во климатските политики.

Таа ја повика Кина на фер пристап кон европските компании и рече дека елиминирањето на ризикот е неопходно за заштита на европската независност.

Во однос на руската инвазија врз Украина, Фон дер Лајен предупреди дека поддршката на Кина за Русија ја загрозува стабилноста на Европа и оти Пекинг ќе биде оценуван според неговото однесување во врска со војната на Путин.

На крајот, таа нагласи дека ЕУ сака стабилна и предвидлива соработка со Кина, но без компромиси околу нејзините вредности, безбедност и економски интереси.

– Ова е ново поглавје и за Европа – независна и самоуверена. Подготвени сме за урамнотежени односи и долгорочна стабилност – заклучи фон дер Лајен.

error: Содржината е заштитена од копирање !!