ВЛАДАТА ЌЕ ПЛАТИ 1.7 МИЛИНИ ЕВРА ЗА НАСТАП НА САЕМОТ „ЕКСПО 2027“ ВО БЕЛГРАД
12/07/2025 9:45
Владата склучи договор вреден 1,7 милиони евра со здружението „Јавна соба“ од Скопје, кое ќе биде задолжено за осмислување и реализација на саемската презентација на Македонија на ЕКСПО 2027 во Белград. Според податоците од системот за јавни набавки, договорот е потпишан на 9 јули 2025 година, во износ од 106 милиони денари (околу 1,72 милиони евра), а го склучил Генералниот секретаријат на Владата, претставуван од генералниот секретар Игор Јанушев.
Здружението „Јавна соба“, познато и по културно-угостителскиот простор во центарот на Скопје, како и по организацијата на манифестацијата „Недела на дизајн“, има рок од најмногу 30 месеци за реализација на проектот.
Нивната обврска вклучува комплетно сценарио и организација за претставувањето на Македонија: дизајн на логото за павилјонот, архитектонски решенија, мултимедијални инсталации, видеоматеријали, кампањи во српски медиуми, ангажман на седум обучени промотери за целиот период на изложбата, свечено отворање и културна програма, како и видеодокументација.
ЕКСПО 2027 ќе се одржува од 15 мај до 15 август 2027 година во Белград – првпат на територијата на Западен Балкан. Очекувањата се дека настанот ќе привлече над четири милиони посетители и учество од 117 држави.
Оваа светска изложба, која датира од 1851 година кога за првпат се одржала во Лондон, претставува глобална платформа за решавање современи предизвици преку иновации и меѓународна соработка.






