Никола Станишиќ се сретна со градоначалникот на Гази Баба и најави соработка и поддршка од општината
15/07/2025 8:27
Градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски, се сретна со Никола Станишиќ – победник на натпреварувањето „Ѕвездите на Гранд“, и најави дека наскоро ќе започнат со заедничка соработка.
Стефковски истакна дека Станишиќ, чија мајка потекнува од оваа скопска општина, ја воодушеви целата балканска јавност со својот глас и искрена емоција. Посебно ја нагласи важноста на моментот кога Никола ја отпеа песната „Бисер Балкански“, која градоначалникот ја нарече втора химна на Македонија, испраќајќи силна порака дека „Македонија е бисерот на Балканот“.
Стефковски рече дека чувствуваат голема гордост и како општина и како држава. Додаде дека Никола не само што ја промовира македонската музика на регионално ниво, туку стана симбол на културна гордост и обединетост. На крајот најави дека наскоро ќе ја претстават првата заедничка иницијатива, нагласувајќи дека Гази Баба секогаш ќе ги поддржува талентираните луѓе кои ја негуваат македонската култура и традиција.






