Гази Баба им должи повеќе од 2 милиони евра: Добиле дозвола да градат кај Саем, па општината им ги поништала и не им ги вратила парите
29/01/2026 14:01
Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, денеска информираше дека општината е задолжена да исплати 127 милиони денари по правосилна судска пресуда, како директна последица на работењето на претходното раководство во периодот од 2017 до 2021 година.
Во објава на Фејсбук, Стефковски истакна дека од првиот ден од неговиот мандат се обврзал на целосна транспарентност и отвореност кон граѓаните, без прикривање на наследените проблеми.
„Денеска се соочуваме со сериозен финансиски и институционален предизвик, кој е директна последица на недомаќинското и неодговорно работење на претходното раководство на општината“, напиша Стефковски.
Тој објасни дека повеќе правни лица, кои поседувале важечки одобренија за градење на локацијата кај поранешниот Скопски саем и уредно платиле надомест за уредување на градежно земјиште, на 27 октомври 2020 година поднеле тужба против Општина Гази Баба.
Според Стефковски, тогашното раководство издало нови одобренија за градење на друго правно лице, а истовремено ги огласило за ништовни претходно издадените дозволи, без да ги врати веќе уплатените средства.
„Наместо во 2020 година да им биде вратен износ од 73.460.330 денари, постапката завршила на суд, со што општината денес е обврзана да исплати речиси двојно повеќе“, наведе тој.
По повеќегодишна судска постапка, Апелационен суд Скопје на 30 октомври 2025 година донел пресуда со која Општина Гази Баба е задолжена да ги врати средствата заедно со законска казнена камата, во вкупен износ од 127.000.000 денари.
„Оваа пресуда е јасен доказ дека во периодот од 2017 до 2021 година се работело без визија, без грижа за јавниот интерес и спротивно на законите“, потенцираше Стефковски.
Тој порача дека, и покрај сериозноста на ситуацијата, граѓаните нема потреба од загриженост.
„Со одговорно, чесно и домаќинско управување, овој проблем ќе го надминеме. Општина Гази Баба ќе продолжи да функционира стабилно и во интерес на граѓаните“, истакна градоначалникот, додавајќи дека за случајот ќе бидат информирани и надлежните институции со цел утврдување евентуална одговорност.





