Муцунски ги охрабрува британските компании да го истражат македонскиот пазар
20/07/2025 10:29
Во рамките на својата посета на Лондон, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, учествуваше на бизнис форум каде пред претставници на повеќе од 50 британски компании ги претстави инвестициските можности и економската клима во Северна Македонија. Како што информира Министерството, Муцунски зборувал за владините активности насочени кон подобрување на бизнис-средината, како и за потенцијалите за проширување на трговската и економската соработка со Обединетото Кралство.
Тој ги охрабрил британските компании да го истражат македонскиот пазар и изразил подготвеност, на ниво на Влада и Министерство, да им се обезбеди сета потребна поддршка за реализација на нивните инвестициски планови.
Во текот на престојот во Лондон, министерот го посетил и одделението за источноевропски јазици при University College London, каде што се предава и македонскиот јазик. По тој повод, била реализирана донација на учебници и литература, со цел да се помогне во совладувањето на македонскиот јазик.
„Промоцијата на македонскиот јазик и создавањето услови за негово изучување претставуваат клучен приоритет на Министерството“, се наведува во соопштението.
Муцунски, исто така, се сретнал со членовите на Парламентарната група за соработка со Македонија во британскиот Парламент. На средбата било разговарано за унапредување на билатералните односи, засилување на парламентарната соработка, како и улогата на двата парламенти во развојот на политичките врски меѓу двете земји. Министерот се заблагодарил за поддршката и интересот за Македонија, како и за придонесот во јакнењето на пријателските односи меѓу двете држави.






