MKinformer

your daily dose of news

Свечено отворена Кинеско-македонската стопанска комора – ново поглавје во пријателството и економската соработка меѓу двете земји

13/07/2026 16:18

Кинеско-македонската стопанска комора денеска официјално почна со работа, со цел да ги зајакне економските врски меѓу Македонија и Кина и да отвори нови можности за трговија, инвестиции и деловна соработка.

Основачи на Комората се компании од повеќе сектори, меѓу кои градежништвото, енергетиката, туризмот, винарството и услужните дејности.

Главната цел е да се зголеми извозот на македонски производи на кинескиот пазар, но и да се привлечат нови кинески инвестиции во Македонија.

Најголем потенцијал во туризмот, енергетиката и електричните автомобили

На свеченото отворање беше оценето дека најголем простор за соработка постои во туризмот, енергетиката и производството на електрични автомобили.

Македонија веќе извезува вино во Кина, додека на кинескиот пазар добро се прифатени и македонскиот мермер и тутунот.

Дополнително, постои интерес и за традиционални македонски прехранбени производи, како ајварот, различните видови макала и конзервираната храна.

Шао: Денеска визијата стана реалност

Претседателот на Кинеско-македонската стопанска комора, Жаолонг Шао, истакна дека идејата за нејзино основање произлегла од потребата да се создаде силна и одржлива деловна платформа.

„Целта е да ги поврземе бизнисите од Кина и Македонија, да ја поттикнеме трговијата и инвестициите и да отвориме нови можности за соработка и партнерство“, рече Шао.

Според него, почетокот на работата на Комората не е само нов деловен проект, туку и отворање ново поглавје во пријателството и економската соработка меѓу двете земји.

Бингхуа: Комората треба да биде мост меѓу бизнисите

Економскиот и трговски советник во Амбасадата на Кина, Хе Бингхуа, оцени дека пријателството меѓу двете земји постојано се продлабочува.

Според него, сè поголем број македонски компании ја препознаваат Кина како значаен деловен партнер.

Тој очекува Комората да создаде поефикасна и попрофесионална платформа за соработка меѓу компаниите од двете земји.

„Верувам дека Комората ќе ја исполни својата улога како мост меѓу деловните заедници и ќе им помогне на компаниите да ги искористат новите можности“, истакна Бингхуа.

Очекувања за повеќе кинески туристи

Марјан Јовчевски, извршен директор на „KTM Energy Solutions“, која е една од компаниите основачи, оцени дека придобивките од соработката може да се почувствуваат на краток, среден и долг рок.

На краток рок, според него, најголема можност постои во туризмот.

Тој смета дека Македонија може да привлече поголем број туристи од Кина и на тој начин подобро да ги искористи туристичките капацитети во Охрид, Скопје и другите градови.

„Кина создава нова генерација луѓе кои сакаат да патуваат и кои се финансиски стабилни. Македонија е дестинација што тие сакаат да ја посетат“, рече Јовчевски.

Повеќе македонски производи на кинескиот пазар

На среден рок, Јовчевски очекува зголемен извоз на македонска стока во Кина.

Покрај виното, тој смета дека на кинескиот пазар може да се пласираат и други македонски прехранбени производи.

Како производи со потенцијал ги посочи ајварот, макалата и конзервираната храна.

Според него, Кина е огромен пазар со потрошувачи кои се подготвени да пробуваат нови производи, но тие треба соодветно да бидат спакувани и промовирани.

Извршната директорка на Комората, Рената Пенчова, исто така посочи дека кинеските бизнисмени се отворени за соработка и заинтересирани за нови можности за увоз од Македонија.

Можности за производство на електрични автомобили

На долг рок, фокусот би можел да биде насочен кон енергетиката и автомобилската индустрија.

Јовчевски посочи дека од македонските технолошко-индустриски зони веќе се извезуваат делови за електрични автомобили.

Сепак, Македонија сè уште нема готов електричен автомобил кој би бил произведен во земјава и извозно ориентиран кон Европа и Балканот.

Според него, токму тука постои можност за партнерство со сериозни кинески компании.

Кинески партнери за енергетски проекти

Како важна област за идна соработка беше посочена и енергетиката, особено проектите за обновливи извори.

Јовчевски оцени дека Македонија може да бара кинески партнери и за реализација на големи енергетски проекти, меѓу кои „Чебрен“ и „Галиште“.

Тој смета дека таквите проекти може да се реализираат преку партнерства и заеднички инвестиции меѓу македонски и кинески компании.

Димовски: Се поставуваат темели за посилно партнерство

На свеченото отворање присуствуваше и вицепремиерот за политички систем, Љупчо Димовски.

Тој оцени дека основањето на Комората претставува значаен чекор во унапредувањето на економските односи меѓу Македонија и Кина.

„Денес не го правиме само првиот чекор, туку поставуваме цврсти темели за посилно институционално, економско и пријателско партнерство“, рече Димовски.

Според него, Комората треба да придонесе за поврзување на компаниите, пренос на знаење и технологии и создавање нови можности за инвестиции и трговија.

Тој истакна дека важна улога во развојот на соработката ќе има и олеснувањето на патувањата, бидејќи на тој начин деловните луѓе ќе можат побрзо и подиректно да воспоставуваат контакти.

Димовски изрази очекување дека Кинеско-македонската стопанска комора ќе стане место каде што ќе се создаваат нови партнерства и ќе се градат долгорочни деловни односи.

error: Содржината е заштитена од копирање !!