Работничка добила отказ еден ден откако ги известила газдите дека е бремена
21/07/2025 11:11
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) утврди директна интерсекциска дискриминација врз основа на пол, род и мајчинство во областа на работата и работните односи, врз вработена во приватна фирма која добила отказ од работа само еден ден откако ги известила дека е бремена.
Бремената жена, била вработена со договор на определено време, првично со договор на три месеци. Во април лани таа потпишала анекс на договорот, согласно кој времетраењето на договорот ѝ било продолжено за уште три месеци, до 15 јули 2024 година. Истовремено, платата ѝ била зголемена од 22.000 на 23.000 денари. На 17 јуни ја известила колешката од човечки ресурси дека е бремена, а веќе следниот ден била повикана и известена дека времетраењето на нејзиниот договор за вработување на определено време, нема да биде продолжен.
Бремената жена до КСЗД приложила медицинска документација, за претрпен стрес, поради кој имала мачнина и несоници. Жената поради стравот за иднината и за егзистенцијата нејзина и на нероденото бебе завршила на психијатар, каде ѝ била препишана соодветна терапија.
Според Законот за спречување и заштита од дискриминација, оваа утврдена интерсекциска дискриминација во случајов со отказот на жената бидејќи забременила, се смета за најтежок вид дискриминација.






