MKinformer

your daily dose of news

ССМ: Газдите лажат! Зголемувањето на платите носи нови компании, а не колапс

21/09/2025 14:19

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) уште еднаш со факти докажа дека зголемувањето на минималната и останатите плати не ја уништува економијата, ниту пак води до затворање на компании, како што постојано тврдат газдите. Напротив, бројките од Централниот регистар потврдуваат дека секое покачување на минималната плата резултирало со поголем развој и отворање на нови фирми.

ССМ појаснува, дека газдите свесно ја лажат Владата и јавноста кога шират страв дека фирмите ќе се затворат ако се зголемат платите. Податоците говорат спротивно:

  • Во 2022 година, со зголемување на минималната плата од 15.194 на 18.000 денари, се отвориле 7.062 нови фирми, а се затвориле 5.694.

  • Во 2023 година, со покачување на минималната плата на 20.175 денари, бројот на нови фирми останал ист 7.062, но бројот на затворени фирми паднал на 3.372.

  • Во 2024 година, со раст на минималната плата на 22.567 денари, се регистрирани 6.627 нови компании, додека само 2.891 се избришани.

Овие резултати јасно ја побиваат тезата на газдите дека платите се закана за економијата. Напротив, растот на минималната плата придонесува за развој, стабилност и нови работни места.

„Време е да престанат лагите и манипулациите. Работниците заслужуваат достоинствени плати, а не минимални примања и најниски плати во регионот. Владата мора да застане на страната на работниците и да не подлегнува на притисоците на капиталот“, порачуваат од ССМ.

Синдикатот е дециден: континуираното зголемување на платите и минималната и сите останати, е единствениот пат кон праведна распределба на профитот и обезбедување достоинствен живот за македонските работници.

error: Содржината е заштитена од копирање !!