MKinformer

your daily dose of news

Македонските кошаркари совладани во првото коло на јуниорското ЕП

26/07/2025 19:22

Невиден спортски дебакл – македонската кошаркарска репрезентација до 18 години беше прегазена од Литванија со шокантни 137:62 во првиот меч од Европското првенство во Белград. Срамната разлика од 75 поени е црна дамка за младинскиот спорт и заслужува сериозно преиспитување на целиот систем.

Македонија не само што не пружи отпор, туку делуваше како случаен посетител во елитната „А“ дивизија. Во Ц групата, каде се и моќната Литванија, домаќинот Србија и Грција, нашите јуниори изгледаа како недораснати статисти.

Мечот почна катастрофално – Литванците веднаш поведоа со 7:0, а првите поени на Македонија ги видовме дури во третата минута. Веќе на првиот тајм-аут, таблата покажуваше 33:15 за противникот. Наместо отпор, следеше потонување – резултатот се претвори во апсурдна демонстрација на немоќ.

Предноста растеше буквално од секој напад, а крајот дојде како ослободување: 75 поени негатива и едно непријатно прашање – што правиме на вакво натпреварување?

Македонија утре се соочува со Грција, а потоа и со Србија. По ваков старт, реално е да се прашаме: имаме ли план, визија и работа со млади, или само ги праќаме децата во лавовска јама?

Ова не е само спортски пораз – ова е аларм за македонската кошарка. И прашање до сите кои се грижат за неа – до кога вака?

error: Содржината е заштитена од копирање !!