MKinformer

your daily dose of news

Лина Ѓорческа денеска игра историски меч на Вимблдон против Аманда Анисимова

30/06/2026 8:45

Лина Ѓорческа синоќа го одработи последниот тренинг пред денешниот меч од првото коло на Вимблдон против шестата носителка Аманда Анисимова од САД.

Станува збор за историски меч за македонскиот тенис и за македонскиот спорт воопшто. Натпреварот започнува во 12 часот на еден од главните терени, а ќе може да се следи во директен пренос на каналите на Арена спорт.

Ѓорческа ќе стане првиот тенисер од Македонија што настапил во главната конкуренција на гренслем-турнир во сингл. Претходно, во конкуренција на двојки, Александар Китинов во 2001 година стигна до третото коло на Вимблдон.

Ѓорческа: Отсекогаш верував дека сум блиску

По успешните квалификации, 31-годишната тетовка изјави дека секогаш верувала дека е блиску до ваков резултат.

„Квалификациите минаа одлично. Отсекогаш знаев и верував дека сум блиску, а треба и да се склопат коцките за да биде совршено. Секој меч беше тежок, сите што учествуваат се меѓу 200-те најдобри на светот во еден од најмасовните спортови и затоа нема лесен меч“, изјави Ѓорческа.

Таа посочи дека би го издвоила вториот меч против Франсиска Жорге, додека последниот меч го одиграла на високо ниво.

„Последниот меч го одиграв одлично, загубив три гема и навистина сум среќна пред сè со тоа како се носев за време на мечот“, рече Ѓорческа.

Противничка е ланската финалистка

Ѓорческа денеска ќе се соочи со Аманда Анисимова, шеста носителка на турнирот и ланска финалистка.

„За мојата противничка нема што многу да се каже, квалитетна и комплетна тенисерка, мојата единствена цел е да го одиграм своето. Таа е ланска финалистка и шеста носителка и затоа мечот е на еден од главните терени. Се надевам дека ќе биде интересен меч и гледајте и навивајте од дома“, порача Ѓорческа.

Денешниот настап на Вимблдон претставува еден од најзначајните моменти во историјата на македонскиот тенис.

error: Содржината е заштитена од копирање !!