Зголемен буџет за проекти за самовработување – поддршка за 2.600 нови бизниси
28/07/2025 17:13
Буџетот за програмите за самовработување ќе се зголеми од првично планираните 5 милиони на 7,5 милиона евра, најави денеска заменик министерот за економија и труд Ристески.
Зголемувањето на средствата е резултат на огромниот интерес за оваа мерка – на трите огласи на Агенцијата за вработување се пријавиле околу 6.000 лица, претежно млади до 29 години, кои сакаат да започнат сопствен бизнис.
Поголема поддршка за повеќе апликанти
Првичниот план предвидуваше поддршка за 1.750 лица, но со дополнителното финансирање државата ќе може да помогне на 2.600 граѓани да ја реализираат својата бизнис идеја.
„Како Министерство, заедно со АВРМ, побаравме и очекуваме од Владата прелокација на финансиски средства. Очекуваме да се издвојат нови 300 милиони денари, кои ќе бидат употребени за оваа најатрактивна мерка – мерката за самовработување,“ изјави Ристески.
Дополнително, со ребалансот на буџетот веќе се обезбедени 160 милиони денари, со што вкупната поддршка достигнува над 7,5 милиона евра.
Фокус на младите и активните баратели на работа
Мерката е наменета главно за млади луѓе до 29 години, но ќе ги опфати и сите активни баратели на работа над оваа возраст. Оперативниот план за вработување вкупно опфаќа околу 40% млади лица, а целта е преку овие програми да се поттикне претприемништвото и отворањето на нови микро и мали бизниси.






