Муцунски: Намалувањето на американските царини е поттик за ново трговско партнерство
02/08/2025 8:15
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски изрази задоволство од одлуката на САД да ја намали царинската стапка за Македонија од претходните 33% на 15%, оценувајќи ја како значаен чекор кон зајакнување на економските односи меѓу двете земји.
„Овој чекор претставува важен поттик за продлабочување на економската соработка и јасен сигнал за градење на поамбициозно трговско партнерство. Иако преговорите за сеопфатен договор за тарифна либерализација сè уште се во тек, оваа одлука е конкретен доказ за заедничката посветеност на отворање нови можности за нашите извозници, компании и економијата во целина,“ изјави Муцунски.
Тој нагласи дека Македонија останува целосно посветена на финализирање на договорот кој ќе ги отстрани преостанатите трговски бариери и ќе создаде долгорочни придобивки за македонската и американската економија.
Претходно денеска и премиерот Христијан Мицкоски им се заблагодари на Соединетите Американски Држави (САД) за намалување на царинските стапки, но истовремено изрази очекување во наредниот период тие дополнително да се намалат.
Тој најави продолжување на преговорите со американската администрација по летните одмори, во втората половина на август.






