Грција воведува најстрог сообраќаен закон – казни до 4.000 евра и одземање возачка дозвола до 8 години
06/08/2025 13:39
На 13 септември во Грција стапува на сила најстрогиот сообраќаен закон досега. Грција воведува најстрог сообраќаен закон кој се однесува на сите возачи, домашни и странци, вклучително и македонските туристи кои редовно патуваат кон грчките дестинации како Халкидики, Солун и Кавала.
Целта на законот е да се спречи ризичното однесување во сообраќајот, особено користењето мобилен телефон додека се вози, што доведува до сè повеќе тешки несреќи.
Казните за користење мобилен телефон зад воланот се драстично зголемени и важат веднаш од 13 септември
Досега користењето мобилен телефон додека се вози се казнуваше со одземање на возачката дозвола на два месеци. Новиот закон носи и големи финансиски казни.
Првиот пат, казната е 350 евра и одземање на дозволата за еден месец.
Вториот прекршок носи казна од 1.000 евра и забрана за возење од шест месеци, а третиот – 2.000 евра и забрана од една година.
Ако прекршокот предизвика сообраќајна несреќа, казната може да достигне до 4.000 евра, а возачката дозвола да биде одземена до осум години.
Во случаи на тешка повреда казната за виновникот изнесува до 10 години затвор, за смрт – до 20 години, а доколку има повеќе повредени лица, може да се изрече доживотна казна затвор.
Грчката полиција ќе има право веднаш да ги одзема документите и возилата.
Македонските возачи треба добро да се информираат за новите правила и да не користат телефон зад воланот, дури и за кратка порака.





